Ковачевски очекува конструктивна дебата за новите министри во Собранието


Премиерот Димитар Ковачевски очекува конструктивна дебата утре во Собранието кое треба да расправа за новите министри и заменици-министри по влезот на „Алијанса на Албанците“ во Владата.

– Очекувам предлогот да биде усвоен од страна на мнозинството во Собранието и Владата да продолжи на остварувањето на програмата којашто ја има зацртано до редовните избори во 2024 година, изјави Ковачевски за ТВ „Канал 5“ по учеството во донаторската емисија што телевизијата ја организираше за настраданите во земјотресот во Турција и Сирија.

За „Алтернатива“, Ковачевски рече дека вратата во Владата  останува отворена за оваа партија. 

– Алтернатив има исти стратегиски цели како што има и владината коалиција. Тоа се потврди и при усвојувањето на важните одлуки за отворање на преговорите со Европската унија. Во текот на изминатиот период имав редовни разговори со претседателот на „Алтернатива на кои кажавме дека со оглед на проширувањето на владиното мнозинство, треба да дојде до одредено кадровско рекомпонирање во Владата и во одредени институции. Низ тие разговори беа побарани одредени барања од страна на Алтернатива за кои тие разговараа во текот на четврток и петок, рече Ковачевски. 

За утрешната расправа се подготвува и опозицијата. 

– Очекувам да има расправа по разрешувањето на тројцата министри во претходниот состав на Владата. Утре во 10 часот ќе имаме координација со пратеничката група на која ќе присуствувам и јас и таму ќе ги заземеме позициите коишто понатаму ќе треба да ги браниме на собраниската седница, изјави Мицкоски. 

Тоа што Алтернатива останува надвор од Владата, за Мицкоски е  неморален и неполитички потег на Ковачевски.

– Тоа само говори колкав е моралниот и човечкиот капацитет на овие луѓе. По ноевриските настани во 2021 година, Африм Гаши и Алтернатива беа тие кои ја спасија Владата на ДУИ поддржана од СДСМ. Сега, Ковачевски и Артан Груби одлучија буквално со клоци да ги ифрлат луѓето од Алтерантива кои го продолжија овој криминално политички морал на Владата на ДУИ поддржан од СДСМ, рече Мицкоски.