Ковачевски: Нема да дозволиме ценовен шок, ќе продолжиме да ја субвенционираме цената на струјата
Владата и во текот на годинава ќе продолжи да ја субвенционира цената на електричната енергија како што правеше во текот на минатата грејна сезона за да не дозволи ценовен шок за граѓаните по 1 јули кога Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да ја одреди цената на регулираниот пазар на струја што ќе важи во наредните шест месеци, потврди денеска премиерот Димитар Ковачевски.
-Нема да дозволиме ценовен шок за граѓаните како што не дозволивме и досега. Владата преку Буџетот субвенционираше 80 проценти од цената на електричната енергија во текот на целата грејна сезона во минатата година и во оваа година. Така ќе биде и во иднина. Во Буџетот веќе се предвидени финансиски средства во износ од 250 милиони евра за антикризни мерки во кои се вклучени и финансиски средства за цената на електричната енергија, рече Ковачевски во одговор на прашање при денешната посета на општина Богданци за едно со министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.
Потенцира дека во текот на минатата грејна сезона ниту имаше рестрикции, ниту, пак, недостатоци на електрична енергија, туку, напротив, во текот на јануари имаше продажба на вишоци на електрична енергија на слободниот пазар заради зголеменото производство на струја за 40 проценти во државните капацитети на ЕСМ.
Потврди дека Владата веќе ги подмири обврските од долгот за неплатена струја што ги имаше Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ кон ЕВН.
-Во време на најголемата криза Владата донесе одлука училиштата, водоводните претпријатија и здравствените домови да бидат снабдувани со електрична енергија преку ЕСМ по поевтина цена од пазарната. Со тоа обезбедивме непречено одвивање на образовниот процес и непречено давање на здравствени услуги. Дополнително Владата заради економичното работење и кратење на сите непотребни трошења успеа да ги исплати финансиските средства кон добавувачите на електрична енергија за сите долгови кои постоеја во минатото, а беа натрупани заради неплатена електрична енергија, но и заради зголемените цени на струјата во текот на изминатите две години, потенцира Ковачевски.
Прецизира дека финалната цена на електричната енергија на регулираниот пазар што ќе важи од 1 јули годинава ќе ја определи РКЕ откако ќе ги добијат импутите од сите учесници.
Прашан колку пари досега им се исплатени на „Бехтел и Енка“ согласно договорот за реализација на автопатите од коридорите 8 и 10д, рече дека се исплатени средства по однос на авансот за отпочнување со работа и додаде дека во договорот се предвидени сите обврски на изведувачот и на инвеститорот.
-Двете страни треба да се придржуваат на се она што е предвидено за да не дојде до последици кои би значеле активирање на одредени клаузули, посочи Ковачевски.