Ковачевски: Не видов негативен коментар за објавените уставни измени


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Димитар Ковачевски очекува дека во Собранието ќе има плодна дискусија за уставните амандмани и дека сите 120 пратеници  ќе имаат визија и доблест да донесат одлука која ќе значи европска интеграција на државата.

Тој информира дека Владата вчера веднаш одлуката за уставните измени ја испратила до Собранието и дека парламентот согласно своите процедури ќе ја организира прво работата на Уставната комисија, а потоа и на пленарната седница.

-Моите очекувања се дека ќе има плодна дискусија, конструктивна расправа и дека ќе има надпартиски консензус за продолжување на нашиот пат на европската интеграција на државата. Бидејќи амбасадорот Гир е тука, многу јасно кажува дека од нас зависи, од одлуките коишто ние ги носиме, како на кој начин и колку брзо ќе го продполжиме и завршиме патот на европската интеграција. Сметам дека се работи за уставни измени кошто не задираат во ниту едно идентитетско прашање. Вчера беа објавени, немаше ниту еден негативен коментар ниту во медиумите, ниту било каде. Ние сме мултиетничко, мултиконфесионално општество кое што е пример за Европа во мало и сметам дека нашите пратеници, 120 на број во Собранието ќе имаат и визија и храброст и доблест да донесат одлука којашто ќе значи европска интеграција на државата и обезбедување на подобра европска иднина за сегашните и идните генерации – рече Ковачевски.