Ковачевски не се меша во одлуката на Софија да го згрижи Пендиков


 

На 4 февруари беа спроведени сите процедури и одлуки согласно закон за мирно чествување на роденденот на Гоце Делчев, оцени премиерот Димитар Ковачевски околу информацијата дека официјална Софија објави дека ќе му даде стан, обезбедување и пари на Христијан Пендиков, бидејќи бил загрозен кај нас.

„Што се однесува до правата на  кој било граѓанин во државата кој се самоопределува различно од мнозинството, сметам дека тоа го имаме издигнато на највисоко можно ниво споредено со голем број на земји во Европа и во светот. Да не заборавиме дека кај нас правата не се само лист хартија, туку се спроведуваат низ голем број институции што ги имаме изградено. Имаме Министерство за политички систем, Агенција за употреба на јазици, Агенции за унапредување на правата на помалите заедници“, рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање.

Од Софија размислуваат да му доделат и лично обезбедување, бидејќи како што тврдат, Пендиков се плаши за својот живот.

Премиерот Ковачевски оценува дека ако се направи споредба, такви институции и спроведувања не може да се најдат во друга држава.

„Ние сме мултиетничка и мултикултурна држава која својата сила ја црпи од различностите што ги имаме кај нас и така ќе продолжиме. Што се однесува до активностите на бугарските власти во својата држава, не можеме да се мешаме дали тие некому ќе му дадат државјанство или ќе му подарат стан, исто како што никој не може да се меша кај нас доколку ние решиме тоа да го направиме со некој граѓанин“, додаде Ковачевски на прес-конференција во Владата.