Ковачевски не сака да коментира за претците на неговата сопруга


 

„Не знам зошто е од интерес потеклото на роднините на мојата сопруга. Таткото на мојата сопруга е роден во Куманово, дедото на мојата сопруга е роден во Крива Паланка. Мојата сопруга е родена во Крива Паланка, јас сум роден во Куманово, нашите деца се родени во Скопје. Сите поседуваме лични документи од Северна Македонија. Нема да ги коментирам претците на мојата сопруга“, изјави денеска премиерот димитар Ковачевски по вчерашната објава на бугарскиот весник „Труд“ дека неговата сопруга била Бугарка. Веста ја пренесоа и дел од македонските медиуми.

Според „Труд“, кој тврди дека поседува документи, таткото и дедото на Елена Ковачевска – Митко Станојковски и Станојко Станојковски се Бугари родени во општина Босилеград. Во редакцискиот мејл на бугарскиот весник „Труд“ пристигнала копија од документ според кој Елена Ковачевска, сопругата на актуелниот македонски премиер Димитар Ковачевски, е Бугарка. Консултациите со луѓе кои детално го знаат процесот на стекнување бугарско државјанство, покажал дека документот ги содржи сите потребни атрибути за да биде вистинито, пишува „Труд“.