Ковачевски не го коментира Заев, сам го демантирал „пучот“


 СДСМ по поразот на локалните избори во 2021 година е веќе консолидирана партија, која ги гради своите политики во рамки на официјалните тела и е вратена на победничките патеки, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по најавата на првата нова инвестиција во ТИРЗ.

Консолидацијата, посочи Ковачевски, се потврдила преку големиот број трибини, вкупно 79 низ цела држава и со победата на изборите за градоначалник во Маврово-Ростуше и подобрените резултати на изборите за советници во Општина Тетово.

Во однос на наводите за пуч од Зоран Заев во СДСМ, Ковачевски, рече дека не сака да ги коментира, со оглед дека и самиот поранешен претседател на СДСМ и премиер ги демантирал.

Прашан за тоа во какви односи е со Зоран Заев,  Ковачевски, рече дека неговиот однос со сите претходни претседатели на СДСМ е на ниво на комуникација со луѓе кои што се вградиле, како во развојот на партијата, така и во развојот на државата.

– Сите извршувале високи државни функции и секако искуството, кое што го имаат, доколку биде потребно, јас знам да се консултирам со нив. Најголемиот дел од претседателите присуствуваа и на трибините кои што го имавме како политичка партија во текот на месеците октомври, ноември и декември и со тоа и ја искажаа својата поддршка, изјави Ковачевски. 

Не сум човек кој дошол на позиција за некого да убедува или разубедува, туку за да спроведува поставените стратешки цели. До ноември може да се направи многу, но секој треба да биде одговорен и на ниво на задачата и на обврската кон граѓаните и кон државата. Нема простор за декларативна поддршка за ЕУ, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Тој одговори i на новинарско прашање за процесот на уставни измени, изледите тие да се спроведат, со оглед на тоа што самиот процес трае околу шест месеци, а се услов за отворање на кластерите со ЕУ, што се очекува кон крајот на годината, по завршување на билатералниот скрининг.

-Јас не сметам дека шест месеци е кус период, до ноември има 10 месеци, и воопшто не сметам дека е тоа кус период за 10 месеци може да се направат многу позитивни работи. Секако секој треба да биде одговорен да биде на ниво на задачата и на обврската кон граѓаните и кон државата. Јас не сум човек кој дошол на позиција за да некого убедува или разубедува, туку за да спроведува стратегијата и целите кои што државата ги поставила пред 31 година. Јас како политичар и како човек и мојата политичка партија се водиме од стратегиите и целите на државата за полноправно членство во ЕУ, исто така како што се водевме од целта Северна Македонија да стане членка на НАТО и станавме, рече премиерот.

Ковачевски нагласи дека истите политички сили и тогаш не го поддржале членството во НАТО, како што сега не го поддржуваат членство во ЕУ, но изрази уверување дека во земјава постојат доволно политички сили, кои се европски ориентирани и кои сакаат да им овозможи на граѓаните, а особено на младите европската просперитетна и побогата иднина во нивната родна држава.

Во однос на можноста за нова лидерска средба, во моментов, рече не е планирана, но не ја исклучува таква можност на која што ќе може повторно да разговараат за најзначајните прашања, како што се справувањето со енергетско-економската криза.

-На последната лидерска средба не разговаравме само за уставните измени, бидејќи во државата има голем број на предизвици, а тоа е пред се енергетската и економската криза и јас таму во детали ги информирав лидерите на сите парламентарни партии, освен оние двајца кои не присуствуваа на таа средба за тоа што прави државата и кои се плановите во однос на енергетската криза, рече Ковачевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски возврати со порака дека власта нема да го задржи мнозинството за поддршка на Владата и  дека мнозинство за уставни измени ќе нема. Тој му порача на премиерот Димитар Ковачевски час поскоро да одат на предвремени парламентарни избори во спротивно, со помош на пратеници од СДСМ и од ДУИ опозицијата ќе го распушти парламентот.

-„Овој парламент нема мандат да менува Устав, бидејќи ниту опозицијата учествувала во креирање на тој договор, нитус се согласила со тој договор, ниту пак пред граѓаните излегла да ветува дека ќе има уставни измени. Треба час псокоро да се случат предвремени парламентарни избори, да излеземе сите со решение за проблемот што го донесе Владата на ДУИ поддржана од СДСМ и граѓаните да одлучат кому треба да ја дадат довербата. Јас не верувам дека ќе го задржат мнозинството за поддршка на оваа Влада, а за уставни измени ќе немаат мнозинство – вели Мицкоски.