Ковачевски не би размислувал ни миг за оставка, но Мерко и натаму мисли

Во обвинителството се водат шест постапки против стршкиот градоначалник. Ќе се проверува работата на некои обвинители


 

Премиерот Димитар Ковачевски не би размислувал ни миг кога би се нашол на црната листа на САД за вмешаност во корупција и веднаш би поднел оставка.

„Јас да се најдам на црната листа на САД, како човек што дел од своето образование го завршил во САД, не што ќе си дадам оставка, тукус тоа ќе го сметам за најголем пораз во мојата лична и професионална кариера“, изјави денеска Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање дали градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, треба да си поднесе оставка од функцијата.

„Јас сум единствен кој одговара на ова прашање. Можеби и на други места треба да прашате за мислења. Јас го прочитав соопштението на Стејт департментот. Прво, тоа соопштение потврдува дека САД се стратешки партнер на нашата држава кои се посветени на помошта на државата да го унапреди владеењето на правото и борбата против корупцијата. Второ, самото соопштение во себе содржи основи за ставање на црна листа на градоначалникот на Струга, кои се многу сериозни. Општина Струга треба да биде отворена за споделување на сите информации до надлежните органи, а тие да бидат ефикасни во својата работа“, рече Ковачевски.

Тој го повтори ставот дека сите советнички групи во општина Струга треба добро да размислат како ќе постапат.

„Во однос на правните и на етичките аспекти, во однос на мандатот на градоначалникот на Струга, тој ќе мора да одговори на тоа прашање бидејќи тој е избран функционер на непосредни избори. Во однос на динамиката на советничките групи во Општина Струга, сите ќе треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму со оглед на наводите кои што се наведени бидејќи, да не заборавиме, тој градоначалник бил на оваа функција во повеќе мандати и во тие мандати соработувал со сите советнички групи во општината без исклучок“, рече Ковачевски.

Во Јавното обвинителство активни се шест постапки против Мерко. Обвинителството денеска излезе со детални информации колку постапки се во тек против него и од она што е објавено за него се водат постапки во струшкото обвинителство и во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција..

​1. КО бр. 107/23 кој е заведен по кривична пријава поднесена од повеќе Здруженија на граѓани, за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ. Пријавата е поднесена на 26.04.2023 година, постапува ОЈО Струга и преема дејствија за проверка на наводите.

2. КО бр. 117/23 заведен во ОЈО Струга против наведеното и уште две други лица за кривични дела по член 353 и член 353-в од КЗ, а по кој има испитани лица и редовно се постапува.

3. КО бр. 121/23 примен во ОЈО Струга на 19.05.2023 година и по кој се проучува пријавата и предистражната постапка е на почеток.

4. КО бр.208/15 отворен по пријава од УФП за кривично дело по чл.353 ст.1,2. и 5 против лицето за кое покажувате интерес и други три лица. Обвинителот што постапува во предметот издал Наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител се уште го чека постапувањето по Наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година.

5. КО бр. 15/22 отворен во ОЈОГОКК​ по кривична пријава од група адвокати против три лица, а во врска со ангажмани за адвокатски услуги, предметот е во предистрага и се постапува по истиот.

6.​ РО 55/19 предмет по анонимна кривична пријава за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Измама против наведеното и повеќе други лица, поврзано со експропријација на земјиште во Струга. По слични наводи постапувало и ОЈО Струга и ОЈОГОКК, по што двата предмети се споени, обезбеден е судскиот предмет и дел од списите кои се наведуваат во пријавата. Се наоѓа во фаза на предистражна постапка, се вели во соопштението на Обвинителството.

Од таму дополнуваат дека против Мерко има и затворени предмети во изминативе години, и ќе се проверува постапувањето на обвинителите што ги воделе овие предмети, но и актуелните. Најавуваат одговорност за секој обвинител кој работел неажурно, нестручно и потпаднал под влијание.

„Во текот на изминатите години против лицето се водени и повеќе други постапки по поднесени пријави од различни субјекти и институции. Јавното обвинителство  исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на ова лице врз постапките. Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана“, велат од ЈОРМ.

Мерко е прв функционер од ДУИ кој се најде на американската црна листа. (Н.В.)