Ковачевски најави ставање во погон на третиот блок на РЕК Битола


Димитар Ковачевски (Фото: Б. Грданоски)

Премиерот Димитар Ковачевски ги отфрли критиките од опозицијата дека во „пет до дванаесет“  бара решение за енергетската криза со која се соочува Македонија. 

-Не е пет до дванаесет! Оваа криза не е од денес туку од последниот квартал во минатата година“, забележа премиерот потсетувајќи какви се мерки беа преземени досега за справување со неа и какви се уште се преземаат.  Во тој контекст, тој ги спомна антикризните мерки  за енергетската криза преземени уште на почетокот, намалувањето на ДДВ, како и напорите за зголемување на приоизводството на енергија од домашните капацитети.

-Тие што го поставуваат ова прашање  половина од времето на независна Македонија беа на власт и за тој период немаа ниту една инвестиција во енергетиката, освен ветерниот парк во Богданци , реплицираше Ковачевски.

Според него, создадени се услови да се зголеми производството на електрична енергија за 25 отсто во наредниот период,  државата интервенира со финансиски сретства за да се набават сировини за тоа, ЕСМ  обезбедува електрична енергија за сите потреби на домаќинствата и за 72.000 мали компании и притоа ја субвенционира  цената за нив до 80 отсто. Во тек се напори, продолжи Ковачевски, да се обезбедат дополнителни количества електрична енергија  со цена под пазарната  за да им се помогнеи на преостанатите големи компании, при што е договорено прооизводителите на обновливи извори на енергија со кои Владата има договор да им ја продаваат  под пазарната цена. Во тек е, според него, и договарањето ТЕ-ТО  да се стави во функција и да обезбеди струја по цена која ќе биде под берзанската, како и непречено  затоплување на 55.00 домаќинства во Скопје. Во тие рамки е и посетата денес, рече премиерот, на Софија, за да се осигура дека при недостиг на струја непречено ќе функционира меѓународниот проток , бидејќи во минатото се случувало да има прекин, а наедно и да се договори дополнително количество од Бугарија како земја извозник, ако има потреба зимава за тоа. 

Премиерот притоа соопшти дека е во дневна комуникација со стопанските комори, дека обезбедувањето електрична енергија по цена пониска од берзанската е голем предизвик и за другите земји  и дека во соседството веќе има земја која спроведува рестрикции од пет до девет часа дневно, бидејќи како и кај нас, има енергетски капацитети што се постари 40 години. Притоа, тој соопшти дека од денес се спроведува редовното одржување на вториот блок на РЕК Битола за да се осигура дека нема да има проблеми со неговото работење во текот на зимата и дека се комплетира пуштањето на третиот блок. (Н.В.)