Излегувањето на Павле Трајанов нема да го урне владиното мнозинство, вели Ковачевски

Премиерот се надева дека партијата на Павле Трајанов партијата нема да стане заложник на Мицкоски и Апасиев и ќе биде на европскиот пат


Одлуката која што ја донесе Демократскиот сојуз на Павле Трајанов не претставува уривање на владиното мнозинство, рече премиерот Димитар Ковачевски, додека закројуваше лозје во Ресава, Кавадарци. Според Ковачевски, новото парламентарно мнозинство е силно и стабилно и процени дека новиот владин тим во Собранието ќе биде изгласан со најмалку 64 гласови.  Ковачевски се надева дека ДС нема да стане заложник на Апасиев и Мицкоски.

Во тој контекст, иако вчера Демократскиот сојуз ја напушти Владата и не го гласаше договорот за Фронтекс, премиерот го израдувала изјавата на лидерот Павле Трајанов дека во Собранието ќе гласа за европски закони и одлуки. Според Ковачевски, Демократскиот сојуз досега само декларативно бил на европскиот пат и тој изрази надеж дека отсега, според изјавата на Трајанов, и во пракса таа партија ќе биде на тој пат.

„Верувам дека уште денеска функционерите од ДС ќе си поднесат оставки, мислам тука  на заменик-министерот за локална самоуправа, и верувам дека партијата нема да стане заложник на Мицкоски и Апасиев“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека Владата останува отворена за сите партии кои ќе ја поддржуваат земјата за интеграција во ЕУ.

„Реконструкцијата не беше со мотив за кадровски решенија, туку за да биде стабилна и способна за носење на одлуки важни за европскиот пат. Сметав дека треба поефикасно да се работи во Собранието и во тој контекст верувам во капацитетот на Алијанса за Албанците“.

Одлуката за напуштање на Владата и парламентарното мнозинство, лидерот на ДС, Павле Трајанов, на Ковачевски му ја најавил на средба што ја имале во петокот, минатата недела, но сакал самиот да ја соопшти. Покрај заменик-министер, Демократскиот сојуз свој партиски кадар има и во директорската фотелја во „Службен весник“. 

Инаку, заменик-министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски (кој е и генерален секретар на ДС) денес веќе поднесе оставка на функцијата.

ДС во вечерашното соопштение наведува дека излегуваат од Владата затоа што не биле имплементирани програмските приоритети на партијата усогласени со СДСМ пред изборите во 2020.