Ковачевски: Имаме план и стратегија кои даваат резултати, деталите ќе ги кажеме утре


 

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва на прес-конференција соопшти дека францускиот предлог е стигнат во Македонија и тој детално ќе биде разгледан, без да објави прецизни детали. 

„Имаме план и стратегија кои даваат резултати. Одлуката ќе ја донесеме заеднички, метиторно, во согласност со стратешките интереси на земјата“, рече премиерот. 

Тој рече дека нашите забелешки, вклучувајќи ги и забелешките околу историските прашања,  се содржани во новиот предлог и затоа можеме да ги почнеме  консултациите околу него. Тој не сакаше да коментира кога би можела да се одржи меѓувладината конференција, без оглед што од Албанија веќе калкулираат со термин. 

Во однос на Протоколот, како дел од Договорот за пријателство со Бугарија,  тој рече дека е усогласен, но нема да биде дел од преговарачката рамка. Но, тој нагласи дека како земја кандидат за ЕУ ние имаме обврска да ги негуваме добрососедските односи, не само со Бугарија туку и со Грција. 

Запрашан дали сме остапиле од дел од барањата за да се постигне решение, тој одговори дека предлогот што е даден е од претседателството, но тој бил поздравен и поддржан и од Германија и други држави, но рече дека деталите ќе бидат презентирани утре. Околу тоа дали остана условот прво Бугарите во Уставот, па преговори  Ковачевски само рече дека има изјави од сите политички актери во државата дека даваат поддршка на тој процес. 

Инаку,  како што се шпекулира, новиот предлог предвидувал официјалниот почеток на преговорите да биде со Првата меѓувладина конференција, протоколите од работата на Историската комисија да не бидат дел од преговарачката рамка, како што стоеше во првичниот нацрт, а формулацијата околу јазикот во рамката останува „македонски“, со унилатерални изјави од Бугарија и Македонија, кои инаку немаат формално-правна тежина на обременување на самата преговарачка рамка. Македонија ја прифаќа обврската за промена на Уставот и внесување на Бугарите во него, до отворањето на првиот преговарачки кластер.