Ковачевски: Гоце Делчев е великан на македонското револуционерно дело


Фото: Б. Грданоски

 

На годишнината од раѓањето на Гоце Делчев премиерот Димитар Ковачевски од Брисел испрати порака во која го слави делото на водачот на македонската револуционерна организација. Ковачевски во пораката вели:

„Оваа година се навршуваат 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, век и половина почит и слава кон животот и делото на великанот на македонското национално револуционерно дело.

Денеска, на 4 февруари на денот на раѓањето на Гоце Делчев се сеќаваме и оддаваме почит на неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност.

Како инспиратор и водач на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност на сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност во политичките предизвици пред кои беше исправено прашањето за создавање на самостојна држава.

Гоце Делчев највисоко го издигна неговиот интернационален и космополитски поглед со мислата ‘Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите’. Оваа негова порака до денес не изгубила од својата актуелност и го вбројува Делчев во редот на светските хуманисти.

Идеалите и заложбите на Делчев се наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја“, вели Ковачевски.