Ковачевски и Вучиќ разговараа за побрза интеграција во европскиот пазар

На средбата беше разговарано за регионалните иницијативи кои се можност за перспективи и уште поголемо унапредување на меѓусебната соработка. Целта на Отворен Балкан и Берлинскиот процес е регионален развој и побрза интеграција на единствениот европски пазар и во Европската Унија.
Премиерот Ковачевски и претседателот Вучиќ разменија мислења за политиката на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и за динамиката на пристапните преговори на Северна Македонија и Србија. Во таа насока беа потенцирани реформските процеси во повеќе клучни области, градење на институционални капацитети како и развојните стратегии кои ги спроведуваат владите на двете земји.
На средбата беа разменети и информации за делувањето на двете држави во рамки на Западен Балкан, во контекст на економската, демократска и безбедносната ситуација во регионот и Европа.
-Се согласивме дека односите меѓу Република Србија и Република Северна Македонија се најдобри во современата историја. Продолжуваме да работиме заедно за доброто на нашите народи, напиша Вучиќ на Инстаграм профилот „будуќностсрбијеав“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа направи прошетка со премиерот Димитар Ковачевски на новоизградениот комплекс „Белград на вода“.
-Велат дека при добра прошетка ги смислувате најдобрите планови и го имате најпријатниот разговор, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил заедно со фотографиите од прошетката со Дмитри Ковачевски и премиерката Ана Брнабиќ.
-Додека со гордост му покажувам на мојот пријател Димитар Ковачевски колку многу е изграден Белград, разменувам мислења за проширувањето на иницијативата Отворен Балкан, патот кон ЕУ на нашиот регион, позицијата и перспективата на Западен Балкан на геополитичката карта на Европа и светот, но и за плановите за претстојните состаноци и нови проекти за поврзување, напиша Вучиќ.
На средбата беа присутни и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за економија Крешник Бектеши, за транспорт и врски Благој Бочварски како и заменик министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдевски.