Ковачевски и Ахмети повикаа на обединување за Европа

На 22-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор пораки испратија премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
„Денеска одбележуваме 22 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кој донесе мир и со кој се овозможи континуиран развој на општествената кохезија и на европскиот концепт на обединетост во различностите“, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот фејсбук профил.
„Северна Македонија е држава пример за функционална, одржлива мултиетничка демократија, којашто практикува европски вредности. Ние сме општество кое гарантира еднакви права и обврски за сите етнички заедници, за сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници кои оваа земја ја сметаат за свој дом. Дом кој ќе продолжиме да го градиме во духот на меѓусебна грижа и посветеност. Нашата татковина е Европа во мало, а почитувањето на различностите е нашата предност, на што сме особено горди“, објави Ковачевски.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во својата порака повика на единство и обединување околу европскиот фронт.Според Ахмети, за да се заврши процесот на еднаквост и интеграција, мора да се направи последниот чекор од уставните измени. Лидерот на ДУИ нагласува и дека за големите одлуки е потребна храброст, а не калкулација.
„Денес сме дел од евро-американската алијанса, во НАТО сме. Градиме автопати и со Албанија и со Косово, со регионот во кој исто така ги обединуваме границите. Ги отворивме преговорите за членство со ЕУ и го привршуваме скринингот. За да го завршиме процесот на еднаквост и интеграција, мора да го направиме последниот чекор од уставните измени. За големите одлуки е потребна храброст, а не калкулација, потребна е визија, а не кратковидост, потребна е склоност и неприкривање, не се осмелуваме да ја изгубиме шансата и да ја згаснеме надежта на граѓаните за европска држава и поредок. Работите никогаш не се завршени исто како што нашите задачи никогаш не се завршени“, наведува Ахмети во пораката.