Ковачевски го впери прстот во ЕУ за таксата за гас од Бугарија
Не може Бугарија да биде членка на ЕУ кога става вето на Македонија, а да не е - кога става такса за гасот кон нашата држава, рече Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски заедно со српската премиерка Ана Брнабиќ одржаа прес конференција каде се спомена и таксата што ЕУ ја воведе за транспорт на гасот низ Бугарија за која Ковачевски вели дека е нелегална.
„Јас ќе го повторам тоа што го кажав и тоа што го кажа министерот за надворешни работи. Се работи прво за нелегална такса која ЕУ ја воведе за транспорт на гасот низ Бугарија. Сите сакаат да кажат дека тоа е такса која ја воведе Бугарија. Тоа е точно. Но мораме да знаеме дека Бугарија е членка на ЕУ и не може таа од сабајле да биде земја членка на ЕУ, кога ќе стави на пример вето, а попладне да не биде членка и потоа да воведе такса од 10 евра за гасот кој се транспортира низ Бугарија. Ние ова прашање го упативме и до ЕУ и до Бугарија.
Она што Северна Македонија има како дополнителен проблем со воведувањето на оваа такса е што целиот капацитет на гасот и интерконекторот кој е единствен што го има Македонија е даден во стопроцентен закуп на Гаспром. Минатата година успеавме да го зголемиме капацитетот на тој гасовод и да обезбедиме снабдување со гас и од други извори, а не руски. Набавувавме гас од Азербејџан, од САД, а тоа барање го имаме и оваа година тој капацитет да се ослободи за да би набавувале и од други извори на гас покрај рускиот“, рече тој.
Ковачевски рече дека прашањето е поставено пред ЕУ и дека разговарале и со бугарската Влада.
„Повторувам. Се работи за нелегално воведена такса која треба да се отстрани или да биде зголемен капацитетот на постоечкиот гасовод со што би се овозможило Македонија да се снабдува од други извори. Ние ќе ги искористиме сите правни можности кои и се даваат на една суверена држава и пред ЕУ и пред другите меѓународни институции“, додаде премиерот.
На прашањето колку е значаен ваквиот проект воопшто за развој на целиот Балкан и за поврзување на сите граѓани кои во тој регион живеат, Брнабиќ рече дека заедно со Северна Македонија тие на овој проблем ќе работат заедно.
„До крајот на оваа година, треба да го завршиме и дополнителното поврзување на гасната инфраструктура со Бугарија, значи гасниот интерконектор Ниш – Димитровград како би се приклучиле на алтернативни извори на гас, така што предвидливоста е клучна кога планирате енергетска политика и кога планирате инвестиции во енергетската инфраструктура, така што заедно ќе се бавиме со ова прашање, рече Ковачевски. Тој очекува поддршка за решавање на проблемот и од Бугарија.
Премиерката Брнабиќ рече дека се согласува со ставот на Ковачевски и додаде дека за тоа очекува поддршка од ЕУ и разбирање од Бугарија.
– Во се се согласувам со мојот колега Ковачевски и се разбира ќе работиме на ова заедно. Покрај тоа, ние наскоро, до крајот на оваа година, треба да го завршиме и дополнителното поврзување на гасната инфраструктура со Бугарија, значи гасниот интерконектор Ниш – Димитровград за да се приклучиме на алтернативни извори на гас. Предвидливоста е клучна кога планирате енергетска политика и кога планирате инвестиции во енергетската инфраструктура, така што заедно ќе се занимаваме со ова прашање. Како што рече Ковачевски, секако тука ја очекуваме и поддршката од ЕУ и разбирањето од колегите во Бугарија, посочи Брнабиќ.