Ковачевски: Мицкоски се поставува како истражител и обвинител
Премиерот Димитар Ковачевски не сака да навлегува во мотивите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ околу неговите изјави за страшната ликвидација на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, но го повика ако има докази да ги достави до МВР и Обвинителството. Ако ги прикрива тоа е исто така кривично дело.
„Што се однесува на коментарите на лидерот на опозицијата, тој во многу случаи се има поставено како истражител и како обвинител итн., нема да навлегувам во тоа со што сака да се занимава. Меѓутоа прикривање на докази, за коишто вели дека ги има е исто така кривично дело и затоа доколку има докази треба сите да ги достави до Министерството за внатрешни работи или до Обвинителството, бидејќи се работи навистина за еден грозоморен чин, којшто е направен од нелуѓе и коишто треба да бидат изведени пред лицето на правдата и согласно законите да бидат најстрого казнети“, изјави Ковачевски.
Ковачевски посочи дека Министерството за внатрешни работи во соработка со Интерпол, како и со Србија, Хрватска, Турција и Бугарија успеа да ги лоцира сите извршители на овој грозоморен чин, како и да ги приведе сторителите и обезбедените доказни материјали да ги достави до Јавното обвинителство.
„Во однос на сите информации што се однесуваат за истрагата, министерот за внатрешни работи и неговите колеги имаа детелни прес-конференции, а во однос на сите информации коишто ги има јавното обвинителство имаше прес-конференција јавниот обвинител и соодветни соопштенија. Така што, не би навлегувал со коментари во нивната надлежност на работа, рече Ковачевски.
Прашан колку ќе трае екстрадицијата на првоосомничениот Љупчо Палевски од Турција, со оглед на информациите дека може да трае минимум 40 дена, Ковачевски рече дека очекува сепак екстрадицијата да биде побрзу реализирана. Тој денеска присуствуваше на презентација на новата лабароториска опрема на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.