Ковачевски го нарече „врв на лицемерие“ ставот на ВМРО-ДПМНЕ за рудникот Иловица


За премиерот Димитар Ковачевски, ставот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со рудникот „Иловица“ е „врв на лицемерие“, имајќи предвид дека концесиите овој рудник ги дала владата во која премиер бше Никола Груевски, а негов советник сегашниот лидер на партијата Христијан Мицксоки. Премиерот денеска, одговарајќи на прашања на новинарите по промовирање на интегрираниот електронски систем за наплата на патарините со Србија, потврди дека на следната седница на Владата ќе се разгледуваат сите документи и судски одлуки за „Иловица“ и нагласи дека доколку граѓаните се против неговото отворање, таков рудник ќе нема.

„Бев на патување во странство кога оваа тема стана интересна за јавноста и добро е да се води јавна дискусија за оваа тема бидејќи концесиите за рудникот ‘Иловица’ се дадени во 2012 и во 2013 година од страна на Влада на ВМРО ДПМНЕ, премиерот Никола Груевски и негов советник Христијан Мицкоски кој сега е претседател на таа партија“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека рудникот „Иловица“ бил во изборната програма на ВМРО ДПМНЕ и за изборите во 2016 година и општините во тоа време раководени од градоначалници (Босилово и Ново Село ) на ВМРО-ДПМНЕ донеле одлуки за отворање на овој рудник за бакар и злато.

„Во тоа време не постоеше можност во јавноста и во медиумите да се отвори дискусија бидејќи Груевски и неговите советници ги редеа вестите и никој не можеше да праша за било каква тема која што не беше во согласност со програма на ВМРО-ДПМНЕ и одлуките кои владата ги носеше“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека не се работи за никакви нови концесии туку за концесии одобрени од страна на ВМРО ДПМНЕ на странски инвеститор и додаде дека она што се случувало по изборите во 2016 година е јасниот став на СДСМ, на владата во целина вклучително и на Министерството за економија „кои што јасно кажуваат дека СДСМ не е за отворање на рудници во струмичкиот регион“.

„Второ, се работи за одлуки донесени уште во времето на ВМРО ДПМНЕ заради кои државата сега е ставена во судски лавиринти. Се работи за голем број судски одлуки од кои дел се во полза на странскиот инвеститор кој ги има добиено концесиите во тоа време, и Министерството за економија согласно со тие одлуки ќе мора да дојдат на следната седница на влада и да ги презентираат сите одлуки“, рече Ковачевски.

Тој посочи дека интенција на Владата е било која одлука во делот на отворање на рудник да биде во согласност со очекувањата на граѓаните.

„Ако граѓаните од општините во струмичкиот регион, односно во југоисточниот плански регион се против отворање на рудници, тогаш рудници нема да има“, рече Ковачевски, додавајќи дека ова е различен став од она што го имаше ВМРО-ДПМНЕ.

„Она што Министерството за економија, и не велам министерот за економија, бидејќи таму постојат стручни служби кои што работат на целата судска постапка која што се води во изминатите години, мора да носат одлуки кои што прво ќе го заштитат интересот на граѓаните и на државата, односно да не се дозволи државата да плаќа огромни суми на арбитражи заради раскинатите концесии кои што ги имаат дадено Никола Груевски и Христијан Мицкоски“, рече Ковачевски
Тој потврди дека на следната седница на Влада министерот за економија повторно, со сите документи од 2012 година, бидејќи како што посочи, не се работи само за една судска одлука, заедно со неговите стручни служби ќе ги информира сите министри за понатамошната постапка.

„Но, ставот е јасен, и на Министерството за економија и на Министерството за животна средина и на претседателот на Владата, дека рудник не може да има ако тоа не го сакаат граѓаните на регионот каде што е дадена таа концесија, односно двете концесии“, рече Ковачевски.