Ковачевски го честиташе јубилејниот 30-ти роденден на Армијата


Премиерот  Димитар Ковачевски  учествуваше на централната свеченост  во касарната „Илинден“ во Скопје на која Армијата на  Македонија  го прослави својот јубилеен роденден и ги одбележа достигнувањата во текот на својот триесет годишен раст и развој. За овој повод тој испрати јавна честитка:
 
„Денеска гордо и достоинствено го славиме денот на Армијата – 18 август. Го одбележуваме 30 годишниот јубилеј на нашата Армија која е столб на безбедноста, одбраната, стабилноста и довербата како рамноправна членка на еден од најмоќните воено-безбедносни сојузи, НАТО.

Изразувам искрена благодарност, од свое лично име, од име на Владата и од сите граѓани, до сите припадници на Армијата, до секој припадник на воениот и на цивилниот персонал на нашата Армија, за огромната заложба, посветеност и придонес сите овие години. Ви благодарам за влогот, за вашиот труд во градењето на стабилна, модерна Армија со високи стандарди, рамноправна со останатите моќни членки на Алијансата, со чии армии учествува во многубројни мисии. Армијата е секогаш на првата линија на помош и поддршка за сите нас, а ние посветено продолжуваме со нејзино модернизирање за сериозна борбена подготвеност, создавајќи најповолни услови за припадниците на воениот и цивилниот персонал”, е наведено во честитката на премиерот Ковачевски.

На свечената церемонија  се одржа  дефиле на ешалони составени од припадници на сите команди и единици на Армијата, и на современи борбени возила со кои располага Армијата меѓу кои и новите оклопни возила со кои се претстави достигнувањето и извежбаноста на припадниците на Армијата.

На централната свеченост покрај премиерот Ковачевски присутни беа и претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, претставници од Собранието, министри во Владата, претставници од дипломатскиот кор, пензионирани припадници на Армијата и претставници на организации со кои соработува Армијата.

Од СДСМ пак порачаа дека 30 години Армијата е столбот на одбраната и безбедноста на државата, на територијалниот интегритет и неповредливоста на границите.
 
„Две години нашата Армија е дел од НАТО, рамноправна со останатите 29 армии во најмоќниот безбедносен сојуз во светот. 
 
Како парламентарно мнозинство во изминативе години донесовме важни законски решенија кои значеа повеќе инвестиции во одбраната и подобри услови за работа на војниците. Последен од нив е Законот за служба во Армијата со кој обезбедивме дополнителни придобивки за војниците и вработените во одбраната.Со измените, веќе од следниот месец следува зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал. Професионалните војници стекнуваат право на исплата на станарина од моментот на склучување на првиот договор за вработување во Армијата, а се воведуваат и поволни услови за стипендирање на млади и перспективни кадри од критични специјалности за Армијата.
 
Во делот на пензионирање на војниците, на нивно барање обезбедивме значително подобри услови. Војниците ќе се стекнуваат со право на пензија со навршени 40 години работен стаж, односно 38 години за жени, без оглед на нивната возраст. Со новиот Закон се создава можност за исплата на отпремнина за професионалните војници со навршени 45 години возраст во износ од две просечни плати, но не помалку од 1.000 евра за секоја година помината во службата.Тоа значи дека одредени војници можат да добијат отпремнина и до 20.000 евра“, соопштија од СДСМ.