Ковачевски ги презентира мерките за справување со кризата вредни 350 милиони евра

Финансиска помош ќе добијат пензионерите, корисници на социјална помош, дел од невработените, а поддршка е предвидена и за училиштата, микро, малите и средни претпријатија...


 

Пензионерите со ниски пензии ќе добијат финансиска помош во наредните неколку месеци, а иста таква поддршка ќе добијат и дел од невработените, како и лицата корисници на права за социјална сигурност. Средните и основните училишта пак, ќе бидат вклучени на регулираниот пазар, додека финансиска поддршка ќе добијат и јавните здравствени установи и мерните станици на водните пумпи. Исто така, поддршка има и за микро, малите и средни претпријатија. Ова се дел од мерките за справување со ценовната и со енергетската криза вредни над 350 милиони евра кои денеска на прес – конференција ги обелодени премиерот Димитар Ковачевски.

Дел од нив, Владата ќе ги донесе согласно Уредбата за кризна енергетска состојба, а за дел ќе биде потребно да се произнесат пратениците во Собранието. За поддршка на компаниите погодени од енергетската криза, пред се големите, премиерот најави дека се водат интензивни разговори со асоцијациите на стопанствениците за да се изнајде соодветно решение кое што нема да значи финансирање на профитабилноста, туку ќе биде врзано и со намалување на постојните цени на нивните производи или да престане нивниот натамошен пораст.

„Согласно препораките дизајниравме мерки за социјално ранливите категории граѓани. Пред се обезбедуваме по 3.000 денари месечно во наредните четири месеци или вкупно 12 илјади денари за речиси 42 илјади граѓани. Тука спаѓаат лицата кои користат права на социјална сигурност, лица кои го користат право за попреченост, родители на децата со попреченост до 26 годишна возраст, кои користат право за посебен додаток, лицата со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице, лицата со потешки трајни промени во здравствената состојба, самохрани родители корисници на ГМП, како и невработени лица. За оваа мерка вкупно се издвоени над 8 милиони евра“, рече премиерот Ковачевски.

Директна финансиска поддршка од 6 илјади денари во наредните четири месеци, значи 1.500 денари месечно, ќе добијат и пензионерите кои земаат до 11.525 денари пензија, а тоа се над 91.650 пензионери.

Премиерот додаде дека директна финансиска поддршка од вкупно 3 илјади денари има и за пензионерите кои земаат пензија од 11.525 денари до 14 илјади денари, односно над 66 илјади пензионери. За оваа мерка се издвоени над 12,2 милиони евра.

„Обезбедуваме поддршка на јавни образовни и здравствени установи. Така, ги вклучивме основните и средните училишта на регулиран пазар за снабдување со електрична енергија, Поддржуваме вкупно 365 основни и 109 средни училишта, за што се издвоени над еден милион евра.  Овозможуваме снабдување на јавните здравствени установи со електрична енергија преку продажба од ЕСМ со далеку поповолна цена од пазарната, кои до сега плаќаа берзанска цена плус 50 проценти“, рече Ковачевски.

Исто така се обезбедува снабдувањето со електрична енергија на мерни станици со водни пумпи преку ЕСМ продажба со поповолна цена од берзанската.

„Потребната електрична енергија од 34 илјади мегават часови е разлика на цена на електрична енергија која ќе има финансиска импликација за буџетот од 3,4 милиони евра. Бидејќи не смееме да дозволиме во општините каде што се снабдуваат со вода преку пумпи граѓаните да останат без вода“, рече Ковачевски.

Тој посочи дека не  е заборавен и приватниот сектор, пред се микро, малите и средните компании кои се столбот на нашата економија.

„Го прошируваме опсегот на компании кои се корисници на кредитно гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање за обезбедување на обртни средства за што се предвидени околу 5 милиони евра. Обезбедуваме директна кредитна линија за поддршка на ликвидноста на микро малите и средните претпријатија, односно трговски друштва согласно нивната тековна состојба, како и занаетчии кои плаќаат давачки на реален доход“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека се овозможува забрзан и зголемен поврат на данокот на додадена вредност, со помалку од 30 дена за поврат на ДДВ за што се одвоени ликвидни средства од речиси 160 милиони евра со цел да се одржи на повисоко ниво ликвидноста на компаниите.

„Обезбедуваме поволна консултантска поддршка за изработка на проекти и студии за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со цел полесен пристап до капиталот. Продолжуваме со кредити за проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија со структура на финансирање 60 спрема 40 проценти за што се одвоени десет милиони евра“, рече Ковачевски.

За набавка на енергенти за затоплување на градот Скопје, поддршка за производство на евтина домашна струја за домаќинствата и за малите потрошувачи кои треба да ги операционализира ЕСМ преку кредит од ЕБРД се одвоени 100 милиони евра, додаде премиерот.

„Верувам дека сите заедно ќе ја пребродиме зимата и оваа до сега најтешка криза со која што се соочил европскиот континент“, нагласи Ковачевски.

На почетокот на прес-конферецијата тој посочи дека клучната негова порака е дека никој нема да биде заборавен и никој нема да биде оставен да се справува сам со последиците од оваа криза.

„Целта е да ја пребродиме зимата на најдобар можен начин, бидејќи на пролет ќе биде подобро од она што не очекува во наредните зимски месеци“, рече Ковачевски.

Тој рече дека и другите земји во Европа се соочуваат со исти или слични проблеми, како највисоки стапки на инфлација, посочувајќи дека и најразвиените земји имаат проблеми, како недостиг на дизел за возилата во Франција.

„Секоја држава се справува на најдобар можен начин врз основа на капацитетите кои ги поседува“, рече тој, додавајќи дека заедно со пријателите од ЕУ и со партнерите од регионот и со соседите „ќе се погрижиме буквално сите да бидат згрижени во текот на оваа зима“.

„Знам дека сите граѓани се загрижени. Затоа делуваме одлучно и преземаме мерки кои ги ублажуваат ефектите од кризата“, рече Ковачевски. „Ќе се погрижиме дома сите да имаат доволно греење и доволно храна да се преживее зимата“, додаде премиерот.

Инаку, денеска на 88. Седница на Владата со министрите беа финализирани мерките за поддршка на граѓаните и на компаниите во време на економско енергетска криза, чија цел е да се заштити животниот стандард на граѓаните, но и ликвидноста на комапниите, како и да се задржи макроекономската стабилност.

Ковачевски потсети дека во пандемијата биле издвоени рекордни 1,2 милијарди евра за поддршка на граѓаните и на компаниите, како и дека по кризата во Украина, бил презентиран сет на мерки во износ од 400 милиони евра со беше ублажен ценовниот шок и се заштити животниот стандард на граѓаните.

„Денес со најновата одлука повторно менаџираме добро со буџетот и ги враќаме парите назад кај граѓаните, но таму каде што е најпотребно – кај најранливите категории граѓани“, рече Ковачевски, посочувајќи дека е донесен нов сет мерки за справување со ценовната и со енергетската криза вреден над 350 милиони евра за кои економскиот импакт се очекува да биде уште поголем.

„На овој начин со мерките кои ги донесовме во текот на 2022 година вкупниот пакет на антикризни мерки изнесува до сега 750 милиони евра“, рече Ковачевски.

„Мојата цел е за оваа зима максимално да ги искористиме ресурсите со кои што располагаме, контактите со нашите пријатели од ЕУ, од регионот и соседите, и да ги исполниме нашиот план за обезбедување ресурси и пред се електрична енергија за семејствата, за училиштата, болниците и за претпријатијата. Енергенти, струја и парно во Северна Македонија мора да има“, рече Ковачевски.

Тој исто така рече дека се наоѓаме во тежок период во кој што нема простор за изобилие, туку за солидарност.

Потсети дека со Ребалансот на буџетот кој што беше усвоен во изминатиот период се осигура продолжувањето на мерката за повластена даночна стапка од 5 проценти за прометот со електрична енергија за домаќинствата, продолжи програмата и за енергетска сиромаштија со која парично се помагаат 4 илјади семејства со 200 евра во текот на целата година.
Исто така продолжува финансирањето на општините за проекти за енергетска ефикасност преку кредит од 10,5 милиони евра преку МСИП проектот во Министерството за финансии, одложена е примената за еколошката такса во износ од 25 милиони евра, компаниите се ослобедени од плаќање ДДВ при увоз на природен гас, електрична енергија, топлинска енергија или за разладување, (над 26 милиони евра остануваат во стопанството), тука се и  поволните кредити во вредност од 100 милиони евра преку Развојната банка за енергетски проекти по принципот еден плус два…

„Од април до сега ја субвенционираме пазарната цена на струјата и тоа со 80 проценти.
611 илјади домаќинства и 72 илјади мали потрошувачи мали компании имаат пет пати помали сметки за струја од оние кои што би ги платиле без субвенциите“, рече Ковачевски.

Со ребалансот продолжи и мерката за субвенционирање на цената на електричната енергија за што се издвоении и дополнителни средства за да може сметките на граѓаните за електрична енергија да останат на исто ниво до крајот на годината. За да може сево ова да се случи издвоени се до крајот на годинава 222,7 милиони евра, рече премиерот, потсетувајќи и на растот на пензиите, на платите во одделни јавни дејности, за средствата за фирмите за раст на платите во приватниот сектор, за земјоделците…

„Со последниот ребаланс беа испланирани и сега ќе се операционализираат следните мерки: исплата на еднократна помош од 3.000 денари за примателите на гарантирана минимална помош, а тоа се 36 илјади домаќинства за чија поддршка се одвоени речиси 40 милиони евра. Зголемување на пензиите согласно новата Методологија за пресметка на пензиите за над 330 илјади пензионери, во март ја усогласивме пензијата за 2,9 проценти, а со септемвриската имаше уште едно усогласување од 6,8 проценти, што е зголемување за речиси десет проценти од март до денес. Во март идната година повторно ќе има усогласување со трошоците за живот, и просечната исплатена плата и процената е дека зголемувањето кумулативно ќе биде 16 проценти што до сега е процентуално најголемо зголемување на пензиите и тоа во година во која што не е изборна. Засега се обезбедени над 73 милиони евра за зголемување на пензиите“, рече Ковачевски.

Субвенционирање за поддршка на придонеси на платите на вработените во приватниот сектор, во вкупен износ од 17 милиони евра со кој државата го субвенционира делот на придонесот кога работавачите ја зголемуваат платата на работниците, со што работниците добиваат нето зголемување на примањата, а работодавачите добиваат поддршка од државата за придонесите кои што ги исплаќаат за пензиско и социјално осигурување,

Субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор, во износ од 52 милиони евра.

Обезбедување на средства за враќање на парите кај граѓаните преку програмата Мој ДДВ, за што во Буџетот се издвоени речиси 18 милиони евра.

„Во овој процес на дизајнирање на мерки ги земавме препораките на експертите и на ММФ, за фискалните политики кои треба да се водат. Поради тоа се пристапи кон дизајнирање на таргетирани мерки за поддршка на најранливите категории граѓани, и за оние каде таа поддршка би имала значајно влијание. Оттаму постојните мерки се дополнуваат со уште еден сет на мерки при што ја одржуваме макроекономската стабилност на државата“, рече Ковачевски. (М.Ј.)