Ковачевски ги повика САД и Турција да кажат дали некој барал мито за коридорите


Премиерот Димитар Ковачевски возврати денес дека тоа што обвинува Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ за договорот со „Бехтел и Енка“ е лага и дека во договорот од 400 страници се дефинирани сите услови за изградба на автопатот и дека денес ќе бидат презентирани сите детали.

-Претставници на ВМРО-ДПМНЕ и нивното раководство во изминатиот период потврдија дека единствено што знаат да прават е да шират хистерија, лаги и да блокираат во Собранието. Тоа го правеа со сите законски решенија кои беа во времето на пандемијата, на енергетската криза и истото го прават со сите големи инфраструктурни проекти. Така што тоа што го кажува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ е една обична лага и ширење невистини како што го прават тоа и неговите колеги, вклучително и неговиот претседател, кој го гледам по цел ден само се заканува и ништо не работ, рече Ковачевски.

Тој додаде дека договорот со „Бехтел и Енка“ е потпишан врз основа на посебен закон одобрен во Собранието од страна на сите пратеници и тој договор ги има поминато сите законски процедури за склучување и беше јавно потпишан.

-Во договорот, кој е над 400 страници, дефинирани се сите услови за изградба на овој автопат при што постојат одредени активности што можат да се направат, а сега се дел од парламентарната процедура, а тоа се измени на неколку закони во однос на обезбедување на услови за забрзување на постапката за изградба на овие две големи автопатски делници – Коридорот 8 и Коридорот 10-д“,рече Ковачевски.

Како што додаде, намерата е да се изгради модерен автопат во период од пет години со сума која е соодветна за таква изградба. Соодветно на тоа, пратениците имаат можност тие законски одредби да ги одобрат нормално, согласно со процедурите и дискусијата која се одвива во Собранието.

Запрашан што  се точните обврски кои државата ќе ги преземе доколку задоцни со изградбата на делницата, Ковачевски рече дека во оваа држава постојат закони, постои специјален Закон за изградба на Коридорот 8, како стратегиски проект и постои договор кој денеска ќе биде објаснет во детали.

-Лагите што ги кажуваат претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се демантираат како што и се досега што кажуваа како лага се демантираше. Единствено што гледаме секое утро се лаги, невистини и хистерија кои ги шири опозицијата. Се што кажаа досега, излажаа. Сега мора да измислат нова лага за да избегаат од најголемата лага – изборот на градоначалник на Скопје. ВМРО-ДПМНЕ кандидираше градоначалник, две години од мандатот поминуваат, ниту еден проект немаат направено, се што беше претходно почнато, е заглавено. Погледнете ги проектите за 11 години на ВМРО-ДПМНЕ, на пример автопатот Кичево – Охрид, почнат беше во 2013 година со погрешена траса и неколку години требаше да се менува целиот проект. Тие така работат, а  што точно се гледа од судските случаи кои ги имаат. Дали некој зел нешто, така размислуваат,истакна Ковачевски.

Ковачевски уште еднаш ги повика владите на САД и на Турција да кажат дали во изминатите две години, откако се подготвува овој проект, некој од нашата држава од нив или од нивни компании побарал нешто. Во врска со наводното зголемување на работната недела од 40 на 60 часа, тој повторно кажа дека се работи за законска измена што се однесува само на ваков стратегиски проект од национален интерес.

-Интенцијата е на доброволна основа, работник кој ќе сака да работи повеќе од она што е законски пропишано тоа да му биде платено за секој час и дополнително за работа во недела да добива 50 отсто поголема дневница. Со тоа ќе останат повеќе финансиски средства во државата, ќе се забрза изградбата на патот и ќе се намали и сумата на вкупното чинење со оглед на тоа дека ќе биде побрзо изграден автопатот доколку се гради со повеќе работни часови во текот на неделата, додаде Ковачевски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ пред два дена во телевизиско гостување рече дека Владата се обврзала да му плаќа огромни пенали на американско-турскиот конзорциум ако работната недела не се зголеми од 40 на 60 часа во период од 45 дена од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д.