Ковачевски – Драги: Проширувањето на ЕУ е клучно за просперитет на регионот и на Европа


Проширувањето на Европската унија е клучно за просперитет на регионот и на Европа, истакнале премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Советот на министри на Италија Марио Драги на денешната средба во Рим.

На средбата со италијанскиот премиер, на која присуствуваа и министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, било потенцирано дека Северна Македонија и Италија негуваат исклучително блиски политички и економски односи засновани на интензивен дијалог и чести средби на највисоко институционално ниво.
Премиерот Ковачевски, како што соопшти владината прес-служба, на средбата со италијанскиот колега Марио Драги ја потенцирал улогата на Италија како гласен промотор на проширувањето на ЕУ со земјите на Западен Балкан што беше потврдено и со Резолуцијата на италијанскиот Парламент минатата година во која беше посебно потенцирана европската перспектива на регионот и со која беше испратен повик за итно одржувањето на првите меѓувладини конференција за Северна Македонија и Албанија.
Премиерите Ковачевски и Драги изразиле согласност дека проширувањето на ЕУ треба да се разгледува од геополитички аспект, како безбедносно прашање клучно за стабилноста и просперитетот на нашиот регион и на Европа.
Било потенцирано дека ЕУ треба да го препознае моментот и да го има предвид и фактот дека Северна Македонија ја осуди војната во Украина и целосно ја усогласи својата со надворешната политика на ЕУ, како вистински и кредибилни партнери, споделувајќи ги истите вредности на слободен и демократски свет.
Двајцата премиери истакнале дека гледаат потенцијал за уште поголемо унапредување на економска соработка меѓу двете земји.
Италија, било речено на средбата, е меѓу 10-те топ рангирани земји со кои Северна Македонија има најголем обем на билатерална трговија и дека од посебна важност за унапредување на економските односи е Коридорот 8 со кој преку пристаништата на Албанија ќе се овозможи директен пристап до италијанскиот пазар.
Премиерот Ковачевски го поканил италијанскиот колега, премиерот Марио Драги, да ја посети Северна Македонија.