Од Бугарија ќе се обезбеди пренос на 200 мегаватчасови струја, ќе се складира и течен гас

На средбата на премиерите Ковачевски и Донев било договорено да се формира работна група за прецизирање на техничките аспекти


 

Пренос на околу 200 мегават часови електрична енергија преку Бугарија, користење на тамошните капацитети за складирање течен гас, како и изградба на интерконектор за пренос на природен гас, беа главни теми на денешната средба попладнево во Софија на македонската делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски и на бугарската на чело со претседателот на привремената бугарска Влада Галаб Донев. За таа цел веќе од среда ќе почн соработа заедничка мешовита комисија која што ќе треба во брзо време да ги усогласи техничките детали за договор кој што ќе ќе се склучи и ќе помогне да се надмине енергетската криза со која се соочува Северна Македонија, особено во делот на снабдувањето на компаниите кои се на слободниот пазар. Како што соопштија двајцата премиери на заедничката прес конференција, средбата траела подолго од предвиденото, поради прецизирањето на деталите од таквата соработка.

„Клучна тема за која што се разговараше беше енергетската криза, недостигот на електрична енергија и скапите енергенси“, рече премиерот Ковачевски, кој додаде дека како влади имаат „обврска да ги направиме условите најдобри можни во време на ваква криза“.

Тој истакна дека заедно со соседна Бугарија се прават напори да се најде решение за снабдување со електрична енергија во текот на четвртиот квартал оваа година и првиот квартал идната година под услови кои што ќе бидат оптимални за стопанството.
„Ние ги кажавме деталите за она за кое што имаме како потреба што доаѓа и од Стопанската комора на Македонија за што е тука и претседателот на комората и нормално раговаравме за подетални аспекти“, рече Ковачевски.

Како што посочи, на средбата било договорено заедно со Република Бугарија да се формира веднаш, во среда, работна група составена од македонското министерство за економија, бугарското министерство за енергетика, како и ЕСМ и другите компании во рамки на Бугарија каде што ќе се разгова за техничките аспекти во однос на капацитетите и транспортот на електрична енергија, во однос на цените кои што ќе треба да бидат дефинирани согласно легислативата на Бугарија, согласно со директивите и легислативата на ЕУ и согласно легислативата на Македонија.

„Исто така разговаравме и за количините кои што се потребни кај нас, со оглед на тоа што Бугарија е извозник на електрична енергија, раговаравме и во однос на поврзувањето со нов интерконектор за гас кој што би бил за течен гас и исто така во однос на капацитетите на постојниот интерконектор кој што го имаме со Република Бугарија, како и за можностите за складирање на течен во складиштата кои што постојат во Република Бугарија“, рече Ковачевски.

Тој посочи дека состанокот бил одржан во духот на добра воља, а траел подолго затоа што се разговарало за детали со фокус на реалните проблеми со кои што се соочуват и граѓаните и стопанството.

„Во таков дух на добра воља се надевам дека работната група која што ќе почна да работи во среда, во наредните помалку од две недели ќе имаме решение кое што биде во взаемен интерес и на Бугарија и на Македомнја и на стопанствата на двете држави“, рече Ковачевски.

Неговиот бугарски колега Донев, истакна дека била потврдена добрата оцена за создадените претпоставки за дијалогот меѓу двете земји, како и дека се договориле дека ќе се работи на продлабочување на конструктивната соработка во сите области од заеднички интерес предвидени во Договорот за добрососедство и соработка и договореното во протоколите од меѓувладината комисија.

„Се договоривме да продложиме да работиме по сектори во работни групи и една од темите како што кажа колегата Ковачевски, е во областа на енергетиката и многу брзо одговоривме на апелот за помош за решавање на главните предизвици кои што се јавуваат кај нив во секторот енергетика,“ рече Донев.

Тој додаде дека Бугарија традиционално била и се уште е лидер на Балканот во однос на енергетиката, како и дека се дискутирало за конкретна соработка во електроенергијата и преносот на гас за што Бугарија има големи капацитети.

„Станува збор за 200 мегатачасови пренос на електрична енергија за перидот до 31 март 2023 година“, рече Донев додавајќи дека од среда мешовита група ќе ги изработи сите технички детали за потпишување на соодветен договор.

„Ќе се направат аранжмани за резервирање на одредени волумени за складирање природен гас во складиштето за гас Чирен, за да може Република Северна Македонија целосно да го искористи своето учество во терминалот за ЛНГ што се гради во Александрополис, Грција“, истакна Донев.

Според него, тоа ќе овозможи снабдувањето со течен гас да биде избалансирано и Република Северна Македонија да црпи количества колку што и се потребни на дневна основа, без да се создаваат дополнителни потешкотии за земјата поради тоа што не можат да се апсорбира течен природен гас.

„Сите прашања кои што стојат пред нас, трговски и економски, ќе бидат решавани како преку зголемување на капацитетите, така и преку чување на природен гас. Ќе бидат изградени и дополнителни капацитети за да бидат транзитирани поголеми количини на природен гас од Бугарија преку гасоводот до мрежата на Северна Македонија“, рече Донев додавајќи дека се дискутирало и за други прашања од заеднички интерес и за билатералните односи.

Во македонската делегација беа и министрите за надворешни работи Бујар Османи и за економија Крешник Бектеши, директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, како и претставници од ресорите економија и енергетика.

Пред заминувањето за Софија, Ковачевски најави дека ќе се дискутира за снабдувањето со електрична енергија преку Бугарија, како извозник на електрична енергија, како и за едно од барањата на Стопанската комора, да биде обезбеден непречен проток на струја во текот на целиот зимски период.

Ковачевски во Софија ќе се сретне и со бугарскиот претседател Румен Радев.  (М.Ј.)