Ковачевски до Мицкоски: Ти нема да гласаш, не си релевантен за уставните измени!


За премиерот Димитар Ковачевски, ставовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се нерелевантни бидејќи тој не е пратеник, а  процесот ќе се одвива во Собранието каде што ќе гласаат пратениците. Тој верува дека Собранието има демократски капацитет и дека ќе ги усвои измените.
 
-Претседателот на опозицијата не е пратеник, па така тој е нерелевантен да зборува за овие прашања. Тој многу често ги менува ставовите. На телевизија рече дека го поддржува договорот со Бугарија, па кажа дека не го поддржува. Со премиерот Кирил Петков рече дека поддржува уставни измени, па излезе да каже дека не поддржува. Излезе да каже дека ако има уставни измени и барем еден негов пратеник гласа, ќе даде оставка, па им земаше на пратениците нотарски изјави дека нема да гласаат, за да потоа рече дека поддржува уставни измени по хрватски модел. И по три дена, рече дека не поддржува уставни измени, изјави Ковачевски.

 

Според него, време е постапката да почне, додавајќи дека се комплетира експертската комисија што ќе ги прави амандманите со кои Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав.

„Ако ги погледнете наназад одлуките носени во нашата државата – ќе видите дека ВМРО-ДПМНЕ не учествувала во ниту една државотворна одлука за нашата држава. Не го поддржаа членството во НАТО, ние станавме членка на НАТО. Договорот со Грција не го поддржаа, ние ги продолживме преговорите… Не го поддржаа ниту почнувањето на преговорите со ЕУ, со заштитен македонски јазик, со заштитен македонски идентитет и не гласаа за европскиот предлог. Не го поддржаа ниту договорот со ФРОНТЕКС, каде што македонскиот јазик е на ист договор со другите јазици на ЕУ, посочи Ковачевски.