Ковачевски денеска во Атина: Ќе има ли струја и гас по поволна цена за стопанството?

Портпаролот на грчката влада изјави дека од денешната средба се очекуваат „идеи и начини кои ќе ја зајакнат стабилноста во регионот во енергетскиот сектор“


 

Ќе има ли доволно енергенти по поволна цена што ќе овозможи компаниите во земјава да ја пребродат зимата и да не стават клуч на врата, ќе биде појасно денеска по работната посета на премиерот Димитар Ковачевски на соседна Грција, каде што во фокусот на разговорите ќе биде енергетската криза и начините како таа да се надмине. Претходно, со истата агенда, премиерот Ковачевски беше во Софија, каде што начелно договори пренос на околу 200 мегавати на час електрична енергија, односно околу 5 гигавати дневно со бугарската страна, за што веќе работни групи од двете земји ги прецизираат деталите. Исто така, беше договорено и користење на бугарските капацитети за складирање течен гас, како и изградба на интерконектор за пренос на природен гас, покрај постојната гасоводна врска.

Овој „енергетски пакет“ треба да важи до  31 март 2023 година, при што покрај струјата се направат аранжмани за резервирање на одредени волумени за складирање природен гас во складиштето за гас Чирен, за да може Македонија целосно да го искористи своето учество во терминалот за ЛНГ што се гради во Александрополис, Грција.

Но, клучот за природниот гас е во Грција, каде што има капацитети од каде што може да се снабдува со овој енергент и од Азербејџан и од други земји, покрај рускиот од кој нашата земја засега е целосно зависна. Вчера првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески оцени дека струјата за која што се преговара со Бугарија е добар чекор, но таа нема да биде доволна да ги задоволи сите потреби на компаниите кои струјата ја бараат на слободниот пазар, каде што цените се отидени „во небо“.

Премиерот Ковачевски денеска во Атина ќе се сретне со грчкиот колега Киријакос Мицотакис. Портпаролот на грчката влада на вчерашниот брифинг со новинарите соопштил дека од денешната средба се очекуваат „идеи и начини кои ќе ја зајакнат стабилноста во регионот во енергетскиот сектор“.

„Ние секогаш се стремиме за продлабочување на односите со нашите соседи и со Република Северна Македонија под предуслов да се почитува договореното со меѓународните договори кои постојат. Енергијата е најголемиот проблем со кој се соочуваат сите народи во Европа. Нашата земја има енергетски помогнато земји од регионот, подготвени сме да видиме како ова може да се стори и со други земји. Сакаме да сме центар на енергетска стабилност, енергетска безбедност и претпоставувам дека преку утрешната дискусија ќе произлезат идеи и начини кои уште повеќе ќе ја зајакнат стабилноста во енергетскиот дел пошироко во нашиот регион“, ја пренесе вчера МИА изјавата на Јанис Иконому.

Инаку, во јули беше свечено пуштен во употреба интерконекторот за гас помеѓу Грција и Бугарија, а гасот низ оваа нова врска во областа на градот Хасково се очекува да потече на 1 октомври, според најавите од бугарска страна. Истовремено, приоритетно почнуваат преговорите со Азербејџан и турските компании снабдувачи на гас.

Енергетската криза сериозно им се заканува на македонските компании, особено на поголемите кои се насочени кон слободниот пазар. Другите, како и домаќинствата добиваат струја преку универзалниот снабдувач, по бенефицирана цена, иако и тие се жалат на енеормно зголемени трошоци за струја, кои го прават нивниот опстанок економски неодржлив.

„Енергетската криза ќе потрае сигурно уште една година и треба да се подготвуваме за тоа, затоа што она што го испуштивме во овој период нема да можеме да го надополниме и оваа година ќе имаме проблеми“, оцени вчера претседателот на Стопанската комора Азески, по средбата со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на која, како што кажа имале заеднички став со најголемата опозициска партија „дека е време за еден нов економски договор во државата со што би реафирмирале темелните принципи владеење на правото, реформи во образовниот систем за потребите на државата и бизнисот и сериозни свртувања на приоритет на државата кон бизнисот како кохезиски фактор“.

Осврнувајќи се на можноста да се набави струја од Бугарија, Азески посочи дека во Бугарија присуствувал во својство на посматрач на бизнис заедницата.

„Договор околу цена немаше, има таму и други проблеми околу преносот што треба да се решат, пред сѐ технички прашања. Станува збор за базна струја која што нема можност да се пренесе тука, ќе се користи грчкиот преносен систем или на друго место. Ќе се преговара, формирани се работни групи, нема да биде доволно, но ќе биде сериозна основа да се поткрепи системот и мислам дека брзината ќе биде значајна. За сето тоа се потребни пари, треба да ја купиш“, рече Азески, додавајќи дека како комора алармирале пред една година за состојбите, но владата долго време тактизирала и давала предност на домаќинствата.

„Ние постојано укажувавме дека домаќинствата се дел од производниот процес во бизнисот и мислам дека сега е доволно фокусирана да изнајде некакво решение. Какво, ќе видиме идната недела кога ќе го соопшти како пакет“, рече Азески.

Тој исто така додаде дека доколку во изминатите години како самостојна држава се водело сметка за супституција на увозот на електрична енергија и по еден два отсто годишно се зголемувале капацитетите и се водело грижа за нив и за рационалноста во трошењето, денес ќе немавме проблеми како што низа земји и немаат. Поради тоа се потребни мерки за да му се помогне на бизнисот, а компаниите тоа нема да го заборават и кога ќе дојде време ќе го вратат на адекватен начин, посочи Азески.

Иако Азески вели дека струјата која што од Бугарија би се набавувала во зимскиот период треба да се пренесува и преку грчкиот електропреносен систем, енергетичари велат дека постојните електроврски меѓу Македонија и Бугарија се доволни за пренос на таквата базна електрична енергија.

Од друга страна, нашите соговорници велат дека и преку постојниот гасовод меѓу Македонија и Бугарија, е можно да се пренесува и гас кој ќе се набави од други земји, а не само од Русија, но препорачуваат сепак, прво за тоа да се разговара со „Гаспром“, од кој сега сме целосно зависни. Таквата зависност треба да се преброди откако ќе се изгради интерконекторот со Грција, како и уште една врска со Бугарија, но за тоа ќе биде потребно време. 

А, дотогаш, ќе треба да се најде решение кое ќе им помогне на компаниите зимава.

На состанокот на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски минатата недела беше оценето дека на Македонија ќе ѝ бидат потребни околу 300 милиони евра да ја ублажи енергетската криза во наредните два квартали, односно од октомври годинава до крајот на април идната година.

„Калкулациите се направени во Министерството за финансии, сигурно е дека ќе бидат потребни финансиски средства до 300 милиони евра во текот на наредните два квартали со цел да обезбедиме електрична енергија по субвенционирани цени за граѓаните и за малите потрошувачи. Разговараме и со Бугарија за да обезбедиме базна енергија која што доминантно ќе биде за стопанството“, рече Ковачевски по состанокот. 

Министерството за финансии работи на обезбедување на финансиски средства, а дел од нив веќе се обезбедени, за што ЕБОР одобри кредит од 100 милиони евра за ЕСМ за набавка на електрична енергија. Законот за гаранција е во Собрание и Ковачевски се надева дека нема да биде закочен, затоа што како што нагласи, треба да се обезбедат ликвидни средства кои што ќе овозможат електрична енергија за потребите на стопанството по пониски цени.

Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека пред да се поддржи законот за задолжување прво ќе бараат отчет за парите потрошени за фирми кои се ангажирани за транспорт на јаглен и мазут, за што велат дека има злоупотреби. Тоа го повтори и нивниот лидер Мицкоски по средбата вчера со Азески.

„Енергетската криза сама по себе не треба да биде дефокус од неуспешните политики на власта, неработењето и лоповлукот, со фирми инстант отворени кои што ги користат за транспорт на јаглен и набавка на мазут. Струја има, прашањето е дали ние имаме доволно пари да ја купиме таа струја“, рече Мицкоски.

Тој вели дека енергетската криза во еден момент ќе стане економска.

„Јас пресметав и го образложив – под услов да работата трите блока на РЕК Битола, да работат двете турбини во ТЕЦ Неготино, хидроцентралите и ТЕЦ Осломеј, ние дневно во одредени периоди ќе трошиме по половина милион евра за набавка на електрична енергија која што недостасува затоа што нема да можеме да произведеме 1.400-1.600 мегавати, онолку колку што и се потребни на Македонија. Ние зборуваме само за оној конзум што го има ЕВН Хоум, не зборуваме за стопанството кое што е оставено да се справува самото со себе“, посочи Мицкоски.

Тој вели дека притоа не е земен во предвид гасот кој е потребен за централното греење во Скопје кое опслужува 50 -60 илјади домаќинства за што според Мицкоски се потребни од 100 до 150 милиони нормални метри кубни гас.

„И да работи ТЕ-ТО, ако се земе моменталната берзанска цена од 2.200-2.300 – 2.500 евра за 1.000 нормални метри кубни тогаш зборуваме за фантастична бројка само за гас од 250 -300 милиони евра и тоа само за затоплувањето на овие 50-55 илјади домаќинства. Тоа ќе биде исклучително голем удар“, вели Мицкоски.