Ковачевска во Вилнус ќе се сретне со Олена Зеленска


Ковачевска своето прво јавно протоколарно појавување на гала настани од висок профил го имаше лани на приемите кај Емине Ердоган и Џо Бајден во Њујорк

Премиерот Димитар Ковачевски и сопругата Елена веќе пристигнаа во Вилнус, Литванија на НАТО самитот кој започнува утре.

„На Самитот на НАТО премиерот Ковачевски e придружуван од сопругата, Елена Ковачевска, која ќе има свои активности во рамките на програмата за сопружници во организација на Првата Дама на Литванија, Дијана Науседа“, велат од Влада.

Сопругата на премиерот, Ковачевска ќе го посети Центарот за деца и жени од војната во Украина, каде ќе се сретне со првата дама на Украина  Олена Зеленска. Во рамките на посетата, г-ѓа Ковачевска ќе присуствува и на настаните посветени на литванската култура и уметност.

Во составот на владината делегација се министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

На Самитот на НАТО во престолнината на Литванија, Вилнус ќе зборува за ургентни безбедносни предизвици. Во фокусот на состаноците на лидерите на Северноатлантскиот совет предвидено е да се зајакне поддршката за Украина и да се зајакне врската на НАТО со Украина преку составот на Советот на НАТО-Украина. Лидерите ќе зборуваат за унапредување на одбранбените капацитети, споделување на обврските за снабдување со ресурси, и нови одбранбени регионални планови и зајакнување на партнерствата.