Андреј Ковачев зачуден што земја-кандидат критикува земја-членка на ЕУ


Христијан Мицкоски и Андреј Ковачев на една од нивните средби. Со нив е и Тимчо Муцунски

На какви преговори и компромиси се надева македонскиот премиер Зоран Заев со толку обвинувања, лаги и омраза кон Бугарија? – запраша  бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

Причина за реакцијата, според БГНЕС, е изјавата на македонскиот премиер на  Атлантскиот совет во која ја обинил Бугарија за „анахрона“ позиција кон Македонија.

„На официјалната веб-страница на владата на земја кандидат за членство во ЕУ се дава проценка полна со лаги за земја-членка на ЕУ. Дали премиерот Заев ја обвинува Бугарија за анахрона позиција, спротивна на меѓународното право? Дали ја обвинува Бугарија дека не го признава нивниот модерен идентитет и јазик? Дали ја обвинува владејачката партија и целата бугарска политичка класа за блокирање на Македонија заради изборите? Дали тој ја обвинува Бугарија дека гледа во незначителни теми поврзани со минатото, наместо да гледа во иднината?“, драматизира Ковачев.

„На кои преговори и компромиси се надевате, господине Заев, со толку обвинувања, лаги и омраза кон Бугарија? Како се разликувате од вашиот колега и досега неприкосновен шампион во неговата омраза кон Бугарија, господин Мицкоски“, додава Ковачев.