Ковачев: Македонија ја премина црвената линија
Бугарскиот европратеник уште обвинува дека „многу сили таму навистина не сакаат европска интеграција и сакаат да останат на оската Скопје-Белград-Москва“
Помината е црвената линија, член на ЕП да не се пушти да влезе во земја кандидат за ЕУ. Тоа доведе до сериозни реакции од ЕК, од комесарот за проширувањето, од претседателот на ЕП, од бугарската влада и од партиите од ЕПП. Овој чекор е огромна грешка на власта во Скопје, на претседателот Стево Пендаровски и на премиерот Димитар Ковачевски, кои очигледно се иницијатори на вакви списоци, за кои мислев дека се само гласини во февруари, изјави за БТВ европратеникот Андреј Ковачев.
„Беше огромно разочарување кога дознавме дека овие гласини за листата не се шпекулација. Ќе има заедничка парламентарна комисија меѓу ЕП и Скопје, на кое тоа должи детално и јасно објаснување врз основа на што ја донеле оваа невидена одлука“, додаде Ковачев.
Според него, смешни се објаснувањата дека со своето присуство можел да предизвика проблеми во Македонија.
„Пред неколку дена имав разговор со Бујар Османи во Брисел, пријателски разговор. Немаше ни трошка сомнеж или предупредување дека може да има такво нешто. Настанот на којшто сакав да присуствувам, многу добар настан, е општо прославување на нашата заедничка историја во чест на загинатите за независност во Ново Село – бугарските
воени гробишта. Неразбирливо беше објаснувањето на портпаролот на МВР на РСМ на границата дека јас и другите потенцијално би можеле да придонесеме за проблеми во обезбедувањето на овие воени гробишта. Тие објаснувања се смешни. Тие треба да се повлечат и да се извинат. Сега се залажуваат во нивната желба да се натпреваруваат можеби предизборно. Власта и опозицијата се во пеколна конкуренција кој повеќе ќе го заштити идентитетот на РСМ од лошите Бугари. Не слушнав или видов никаков напредок. Се надевам дека до крајот на годината ќе има напредок, но овие преседани создадени од РСМ на европско ниво кажуваат дека многу сили таму навистина не сакаат европска интеграција и сакаат да останат на оската Скопје-Белград-Москва“, смета Ковачев.
Реакцијата на Ковачев беше една од неколкуте дадени од европски функционери, со кои се осуди враќањето на европратеникот од границата на Македонија како непожелен во државата. Осуда дојде од Манфред Вернер, прв човек на групата на народни партии (ЕПП) во која припаѓа ВМРО-ДПМНЕ, од еврокомесарот Оливер Вархеи кој е дел од политичката гарнитура која му даде азил на Никола Груевски и од претседателката на ЕП, Роберта Мецола, која е исто така дел од ЕПП партиите, т.е. сојузниците на Христијан Мицкоски.
Со оглед на тоа колку беше синхронизирана осудата, а ВМРО-ДПМНЕ молчи, остана нејасно дали на некој начин нашата најпатриотска партија стои зад овие осуди и ја јакне позицијата на Бугарија на штета на позициите на власта во Македонија, или пак нема веќе ни моќ ни сојузници во Брисел за да спречи осуда на Македонија.
Многу поверојатно е дека станува збор за второто, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ во моментов меѓудругото нема видливи односи со грчката Нова демократија на Константин Мицоптакис, нема комуникација со ГЕРБ на Бојко Борисов, се разиде и со хрватскиот премиер за време на посетата во Македонија, ја откажа средбата со австрискиот шеф на дипломатијата, а политиката што ја води ја носи во правец на нова групација во ЕП, во која е Фидес на Виктор Орбан, иако реално ни Вархеи не е среќен со нивната блокада на неговиот успех околу Македонија.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, вчера не објасни како се случи нивните сојузници да излезат со вакви осуди за политиката на Македонија во однос на бугарските провокатори, што и тие ја заговараа, туку враќањето на европратеникот го нарече „соодветен и задоцнет потег“.
„Реакцијата на властите покажува две работи, а и двете се погрешни. Ако некој што не ги исполнува условите да биде добредојден гостин не може да биде примен во земјава и тоа можело да се случи пред 2-3 дена, се поставува прашањето зошто истото не можело да се случи пред 2, 3 или 4 години кога се разгореа страстите и се случија одредени понижувања кај македонскиот народ. Втората е грешката со потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Од август 2017 година, кога беше потпишан овој договор, секој месец како две земји докажуваме дека по неговото потпишување, нашите односи само се влошуваат, а тоа е апсурдот, вие потпишувате договор за пријателство и добрососедство, а се случуваат двојно повеќе кавги и недоразбирање“, рече вчера Милошоски во емисијата „Само вистина“ на Канал 5. Тој е дециден дека Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија е асиметричен и во него само Северна Македонија прави отстапки, додека Бугарија „нема ни обврска да не стави вето“ на преговорите на земјава со ЕУ.