Костова повторно ги повика ВМРО-ДПМНЕ да се премислат за носењето Закон за настраданите во „Пулс“

Предлог-законот за поддршка на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани што го поднесовме е чин на солидарност, човечност и грижа. Уште еднаш ги повикуваме пратениците од владејачката партија да го преиспитаат својот став, да се издигнат над политиката и да дадат поддршка за ова законско решение, порача денеска на прес-конференција потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.
Според Костова, Законот содржи вистински решенија за помош и поддршка, не за политички поени.
-Како луѓе, како општество, имаме обврска – да покажеме дека сме тука за нив кога им е најтешко. Искрена е намерата да помогнеме на оние кои останаа без најблиските, на оние кои се повредени, на оние кои денес се борат и со физичка и со душевна болка, рече таа.
Како што напомена, Законот предвидува директна финансиска поддршка за семејствата на настраданите, помош за повредените, вклучително и оние со долгорочни последици, поволности за децата кои поради лекување се отсутни од настава и мерки за здравствена, социјална и заштита во делот на работните односи.
Овој закон, посочи, ги опфаќа и семејствата од претходни тешки трагедии – Тетово, Ласкарци, Беса Транс.
-Нема закон што ќе ја избрише тагата. Но, со израз на солидарноста и грижата мора да покажеме дека државата не ги игнорира, туку знае да застане зад своите граѓани кога им е најтешко. Дека институциите знаат да бидат со своите граѓани – не со зборови, туку со дела. За трагедијата во Кочани мора да има правда, одговорност, но и институционална, државна поддршка на сите на коишто им е потребна и неопходна. Подготвени сме да прифатиме и предлози за модификација на законското решение од владејачкото мнозинство. Нека биде и заеднички предлог. Да покажеме дека знаеме да бидеме на иста страна на солидарноста, додаде Костова.