Костова: Повикуваа на улични протести, а сега го фалат Коцевски


Кристина Костова, една од потпретседателките на СДСМ, во интервју за „360 степени“ прашува зошто министерот за внатрешни работи не поднесе оставка и како е можно во опсежната истрага за пожарот во Кочани да не бидат опфатени припадници на МВР кои биле на позиции и на служба на денот на трагедијата.Според неа, истрагата она штдо го гледаме е крајно селективна, пристрасна и истрага којашто оди во насоки во коишто бега од оние што се директно одговорни по закон.

Околу забелешката дека дури 52 лица се осомничени и дека веројатно досега немало случај со  толку обемна истрага во смисла на опфат на осомничени, таа вели дека бројките кажуваат едно, но фактичката состојба и она што законите го налагаат, кажуваат друго.

-Има закони според кои јасно е пропишана одговорноста на функционерите во МВР, и тоа функционери во различни делови и оддели во МВР – дали се тоа СВР Штип, ОВР Кочани, Биро за јавна безбедност, самото Министерство за внатрешни работи, кои морале да постапуваат вечерта кога се случила таа најголема и најстрашна трагедија од осамостојувањето до денес, а за кои гледаме дека се исклучени и сè уште се исклучени од истрагата. Станува збор за лица кои во согласност со своите работни активности, одговорности и функции кои ги носеле како началници и слично, имале одговорност, меѓу другото, да направат план за постапување за таков голем настан. Исто така, имале одговорности и да го обезбедат настанот со соодветен број полицајци, полициски службеници, но и со, на пример, ако постапеле соодветно на законските одредби, ќе имало присуство и на противпожарна бригада, ќе имало присуство и на Брза помош и доколку тие постапеле во согласност со, значи зборуваме за началниците и за функционерите во различните структури на МВР, актуелни на денот кога се случило несреќата, доколку тие постапувале согласно законските одредби, тогаш голема била веројатноста да се намали размерот на оваа трагедија, па дури можеби и да се спречи или да се намали размерот на она што значеше толку голем број – 61 млад живот замина таа ноќ, вели таа.

Според неа клучен проблем е зошто Тошковски веќе четири недели по несреќата седи во фотелјата на министер за внатрешни работи и има можност да влијае на истрагата во насоки кои можеби му одговараат.

Околу работата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, избран со гласовите на СДСМ и ДУИ, Костова рече дека тоа прашање треба да му се постави на Мицкоски.

-Како тоа Мицкоски, пред нешто повеќе од четири недели, заговараше улични притисоци и пресметување токму со лица од Јавно обвинителство, вклучувајќи го и именуваниот, за оддеднаш, откако се случи тоа, за 180 степени да се преориентира и одеднаш станува задоволен од начинот на кој Коцевски работи. На Мицкоски треба да му се постави прашањето дали неговото задоволство потекнува од тоа што истрагата не се води по текови кои одат во насока на нотирање, на детектирање на одговорните од МВР, оние кои по неколку ставки, по 7-8 ставки, се првично одговорни, за разлика од сите останати претставници на институции и сите претходни вршители на должности и функции во различните инситуции, порача таа.