Костас Бакојанис – градоначалникот што сака да ја издигне Атина високо


Грција – Не сакаме да изгубиме ниту еден ден, не сакаме да изгубиме ниту една минута, ќе се бориме да ја издигнеме Атина високо, порача новиот градоначалник на грчката престолнина по средбата со неговиот колега во заминување.

Костас Бакојанис денеска по првпат ја посети општинската зграда во која на први септември официјално ќе ја преземе функцијата градоначалник на Атина.

Под мотото „Атина високо”, новиот 41-годишен татко на градот на изборите во неделата доби поддршка од 96.660 негови сограѓани и ветува дека ќе ја промени Атина.

Костас Бакојанис е син на поранешната шефица на грчката дипломатија, Дора Бакојани и на поранешниот пратеник од Нова демократија и една од жртвите на терористичката организација “17 Ноември”, Павлос Бакојанис, внук е на поранешниот премиер на Грција, Константинос Мицотакис, а негов вујко е лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис. Новиот градоначалник на Атина, за разлика од големиот политички товар од неговото семејство, одбира да и се посвети на локалната самоуправа. Зад себе има речиси деветгодишно искуство, еден мандат како градоначалник на градот Карпениси, еден како префект на периферијата Центална Грција, функција која ја завршува на 31 август годинава.

„Работа, работа, работа” беше еден од слоганите на Бакојанис за време на предизборната кампања, а оние кои го познаваат велат дека ова би можело да биде една од неговите карактеристики. Велат дека е човек кој е максимално посветен на работата, со желба и волја да направи промени и да остави дела зад себе.

Останува времето да покаже дали Бакојанис ќе чекори по стапките на неговиот претходник Каминис во однос на дипломатијата на градовите, односно соработката со другите престолнини, меѓу кои и Скопје. Јоргос Каминис како градоначалник, во април минатата година потпишаа меморандум за соработка со неговиот колега од град Скопје, Петре Шилегов.

Бакојанис на 11 годишна возраст останува без татко, откако терористичката организација „17 Ноември” го убива Павлос Бакојанис на 26 септември 1989 на влезот на зградата во која е неговата канцеларија центарот на Атина.

Новиот атински градоначалник на неколку пати во текот на предизборната кампања беше соочен со поддржувачите на еден од убијците на неговиот татко, односно анархистички групи и организации кои изразуваат поддршка и солидарност за Димитрис Куфодинас, еден од оснвачите на „17 Ноември”. Во една прилика го оштетија неговиот штанд во центарот на Атина, во друга се собраа пред таверната во која што вечераше со неговите соработници.

Бакојанис завршил историја и меѓународни односи на Универзитетот Браун во САД, а постдипломските студии на Харвард и е кандидат за доктор по политички науки и меѓународни односи на Универзитетот Оксфорд.

Пред да се посвети на локалната самоуправа, работел во Европскиот парламент (2000-2001), во Светската банка на Косово (2005-2006), а бил и специјален советник во грчкото МНР во периодот 2006-2008 кога министерка за надворешни работи беше неговата мајка, Дора Бакојани.

Костас Бакојанис е оженет со грчката новинарка Сиа Косиони, која воедно е презентерка на централното издание на вестите на телевизијата Скај.

Ова е негов втор брак, а има вкупно четири деца, со три жени.