Костадиновски: Извршната и законодавната власт вршат мобинг над судството
Сериозно предупредување дека Владата и Собранието дека вршат мобинг врз судската власт изнесе денеска првиот човек на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.На денешната годишна прес-конференција на која заборуваше за работата на Судот во текот на оваа година, тој рече дека е очигледно дека државните органи се нервозни.
„Ако забележувате, во изминатиов период државните органи беа нервозни. Имаше интерпелација за мене, имаше изјави од типот „кој е тој Уставен суд да ни дава рокови и задачи?“ За исполнување на нашата одлука за Законот за електронски комуникации доцнеа два месеци, сега доцнат десет месеци со измените во Кривичниот законик… Може слободно да пренесете: медениот месец за кој било државен орган завршува. Ние имаме механизми и видови одлуки со кои сме цврсто решени да воведеме уставна дисциплина. Во наредната година може да очекувате многу поинакви одлуки од Уставниот суд“, најави Костадиновски.
Тој нагласи дека не смее да се дозволи надмоќ или доминација на една власт над другата.
– Извршната и законодавната власт вршат мобинг над судската власт. Тоа е мобинг. Замислете состојба, велат дека имаме два отсто доверба во судството, но за да се дојде до толкав процент на доверба, каде беа тие две власти? На одмор ли? Не знам дали може да се апстрахираат тие две власти и да речат дека немаат ништо со тоа. Тоа е невозможно, зашто ова е систем и во него трите власти ја делат власта. Постои она што се нарекува „чек едн баланс“ – наведе првиот човек на Уставниот суд.
Според него, во услови на динамични политички процеси, жестоки притисоци и обиди за влијанија, Уставниот суд успеа да остане цврст столб на правната држава.
„Нервозата кај политичарите и државните органи од постапувањето на Уставниот суд значи само едно – дека Судот е на прав пат“, дециден е Костадиновски.
Костадиновски со гордост ги презентираше статистиките кои покажуваат историски рекорд – годинава се оформени 306 предмети, од кои дури 271 се иницијативи од граѓани. Ова, според него, е доказ дека граѓаните во Уставниот суд гледаат последно правно засолниште.
Решени се 230 предмети, меѓу кои и „жешки костени“ како измените на Кривичниот законик, Законот за данок на солидарност (кој беше поништен), платите на функционерите и Законот за употреба на јазиците.
Претседателот нагласи дека Судот излегол од комфорната зона и формализмот, започнувајќи нова ера на „метаправни“ аргументи. „Судот за прв пат почна да ја цени и формалната уставност, односно како Собранието ги носи законите. Почнавме да ја оценуваме легитимната цел и општествената оправданост на законите“, појасни тој.
Костадиновски најави и револуционерни чекори за 2026 година – воведување на уставна тужба и пренос во живо на седниците. „Јас лично ќе инсистирам овој состав да овозможи снимање и пренесување во живо на сите седници. Тоа е најсилниот начин граѓаните да ја вратат довербата“, вети претседателот.
Обраќањето заврши со директни пораки до надлежните институции. Костадиновски побара од Судскиот совет и Собранието „итно, неодложно и во најбрзо време“ да изберат нови уставни судии, бидејќи Судот работи со намален број.
„До политичарите – воздржете се од лесно посегнување по етикети! До државните органи – однесувајте се дисциплинирано!“, порача Костадиновски.