Костадиновска-Стојчевска со амбасадорката на Грција, Филипиду, утре во Курбиново
Во црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Курбиново в понеделник во 11 часот, ќе бидат презентирани досегашните резултатите од соработката меѓу НУ „Заводот и музеј“ – Битола и „Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици“ од Солун на проектот за „Конзервација на ѕидното сликарство на црквата св. Ѓорѓи во с. Курбиново“.
На средбата ќе присуствуваат министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, амбасадорката на Република Грција, Софија Филипиду, директорката на НУ „Заводот и музеј“ – Битола, д-р Мери Стојанова, со тимот конзерватори, како и директорката на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, д-р Флора Карајани, со својот стручен тим.
Предвидени се изјави и детални стручни информации за оваа важна фаза во долготрајната заштита на овој вреден споменик на културата од византискиот период.
Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново е позната по најстарото сочувано ѕидно сликарство кое претставува несекојдневен пример на византиската уметност од крајот на XII век (1191 година), особено по оригинални фрески меѓу кои и фреската на Ангелот Гаврил од Курбиново (како дел од композицијата Благовештение), која е отпечатена и на банкнотата од 50 денари. Почнувајќи од 2013 година, реализирани се неколку проекти за заштита и конзервација на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, како што се конзерваторски истражувања, анализи, реконструкција и активности за конзервација на црквата, за што досега се исплатени над 360.000 евра, буџетски средства.

Заштитата на културното наследство и натаму претставува еден од приоритетите на Владата на Македонија и на Министерството за култура. За таа цел, Владата континуирано вложува во заштита на културните добра, меѓу кои е и црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, која веќе е впишана на тентативната листа на УНЕСКО (44. сесија на Комитетот на УНЕСКО за светско наследство -Фуџу, НР Кина, јули 2021 година), што е прв чекор во процесот на впишувањето на едно добро на Листата на УНЕСКО на светско наследство. Изработката на досието за впишување на оваа листа беше извршено од страна на надлежната институција, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј–Битола и се одвиваше согласно Оперативниот водич на УНЕСКО за имплементација на Конвенцијата за светско наследство.