Костадиновска-Стојчевска на примопредавање на македонските икони во Тирана

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска е во еднодневна работна посета на Тирана, на покана од нејзината колешка, Елва Маргарити, соопшти Министерството за култура.
Повод за посетата, како што се наведува, е примопредавање на незаконски изнесените македонски икони, кои беа случајно препознаени преку албанските медиуми од македонските експерти вo 2013 година.
Пред церемонијата на свечено предавање на незаконски изнесените икони од страна на министерката за култура на Република Албанија, Маргарити, предвидена е и билатерална средба на која тема на разговор ќе бидат билатералната соработка и идните заеднички активности во рамките на УНЕСКО.
-Костадиновска-Стојчевска во Тирана ќе го посети и македонскиот Културно-информативнеи центар. Веднаш по враќањето на македонската делегација, во 19:30 часот иконите ќе бидат изложени во фоајето на Музејот на Северна Македонија, каде што ќе се одржи пригоден настан на кој ќе присуствуваат премиерот Димитар Ковачевски, поглаварот на Македонската православна црква, г. г. Стефан, претставници од МАНУ и работната група која учествуваше во оваа прва реализирана реституција на културни добра во регионот, наведуваат од Министерството за култура.
Постапката за враќање на украдените икони во земјава од Албанија почна во 2013 година, со интенизвни активности последните две години.
Во периодот од 2009 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и Југозападна Македонија, каде што се однесоа стотици икони. Само на подрачјето на Одделението за внатрешни работи Струга, како што информира за МИА портпаролот Стефан Димоски, имало 22 пријави за „кражба“ и „тешка кражба“ на икони од цркви. Три пријави за кривични дела „тешка кражба“ во цркви во струшко, според него, имало и во 2017 година.
– Кривичните дела се извршени во цркви лоцирани во Струга, Вевчани како и во селата Мали Влај, Радожда, Ташмаруништа, Долна Белица, Безево, Јабланица, Луково, Селци, Буринец, Модрич, Дренок… Во останатите години, пријавени се кражби од цркви со одземање пари и друг црковен прибор, изјави Димоски.
Незаконски одземените икони од македонските цркви случајно ги забележале нашите експерти вo 2013 на прилог со премиерот Еди Рама на албанска телевизија.
Една од иконите албанскиот премиер Рама, симболично во знак на соработка му предаде на македонскиот колега Димитар Ковачевски при потпишувањето на договорот за враќање на иконите минатата година во Скопје.
По завршувањето на овој процес за враќање на 20 – те украдени икони во земјава, предвидено е отварање на нов процес за враќање на уште еден контингент идентификувани икони во Албанија.