Костадинов: ВМРО-ДПМНЕ е како банда без команда


ВМРО-ДПМНЕ дејствува како банда без команда, оцени Коста Костадинов, во изјава за „Утрински брифинг“ во врска со вчерашната седница која пратениците од опозицијата ја блокираа со свирежи и навреди при дискусија за Законот за инвалидски организации. Според него  вчерашната реакција на опозициската партија во Собранието е резултат на немање координација и тоа не само вчерашниот ден. 

 ВМРО-ДПМНЕ и досега блокирала низа важни закони – Законот за административни работници, Законот за работни односи, Законот за внатрешни работи, Законот за здравствена заштита, потсетува тој.

„Блокираа заем од Светската банка од 90 милиони долари, кој во најголема мера беше наменет за здравствените установи и здравствените работници, го блокираа Деловникот, измените, со кои се предвидува пратениците кои се позитивни или имаат решенија за изолација да можат онлајн да присуствуваат на седниците, што го прави целиот развиен свет“,истакна Костадинов.

Нешто после 23 часот синоќа, Собранието ја прекина седницата, по тензичната атмосфера што се создаде, а продолжението на расправата е закажано за денеска во 11 часот. Пратениците треба да ја продолжат расправата по измените на Законот за инвалидски организации, за која се пријавени уште 13 говорници.

На прес-конференција половина час пред полноќ, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, ја обвини власта дека се обидува на шверцерски начин да носи закони, откако опозициските пратеници реагираа околу терминот на вечерашното продолжение на 19 седница.