Костадинов: Какви и да се резултатите од пописот, стекнатите права нема да се ускратуваат


 
ВМРО-ДПМНЕ како и секоја партија во Собранието има деловничка можност преку пратениците да поднесе предлог закон и затоа нивната операција за собирање потписи се надевам дека не е од незнаење, туку е потреба на Христијан Мицкоски да си го преброи лојалното членство, порача вечерва пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија. 
 
„ВМРО ДПМНЕ неколку години има препознатлив стил на водење политика, го бојкотираа референдумот, бојкотираа избори, сега има најави за бојкот, најави за одложување на пописот. Се што е важно за граѓаните и за државата тие го бојкотираат и опструират.“ посочи Костадинов. 
 
Во однос на барањата за одлагањето на пописот, Костадинов истакна дека ако има реални причини може да се помести за еден месец, но тоа нема да промени ништо, а државата веќе предлог период, скоро 20 години е без спроведен попис.
 
„Пописот е важен да ја дознаеме образовната, демографската, социјалната структура на населението, важен е за општините за локалниот развој, за подобро димензионирање на Генералните и Деталните урбанистички планови во населените места, за да планираме квалитетни и спроведливи стратегии и политики“ подвлече Костадинов. 
 
Костадинов ги повика граѓаните да бидат внимателни на лажните вести што се шират околу пописот, отфрлајќи ги шпекулациите дека резултатите наводно се веќе однапред договорени. 
 
„Треба да имаме на ум дека ВМРО-ДПМНЕ во студија финансирана од ЕУ е нотирана како извор на лажни вести. Лага е тоа дека резултатите се однапред договорени. Граѓаните не се процент и без разлика на резултатите, нема да има скратување на веќе стекнатите права, порача Костадинов додавајќи дека треба да се расчистат и дилемите околу врзаните потписи на директорот и заменик директорот на Државниот завод за статистика. 
 
„Од првиот ден кога ќе започне пописот, нема да има никаков врзан потпис, никој нема да се потпишува под резултатите, под официјалните податоци“ заклучи Костадинов.