Косово: Собранието не е конституирано ниту по 48 обиди


Приштина – Ниту денес, во 48-от обид, пратениците не успеаја да го конституираат Собранието на Косово, бидејќи ниту овојпат не беше формирана комисија за тајно гласање за претседател на Собранието.

Од 100 присутни пратеници, за формирање на комисијата гласаше 51 пратеник.

Пред гласањето, пратеникот од Демократската партија на Косово, Рашит Ќалај, побара збор, но претседавачот на Собранието, Авни Дехари, побара да ја напушти говорницата и на службата ѝ нареди да му го исклучи микрофонот. Истото се случи и со пратеникот од Демократскиот сојуз на Косово, Албан Зогај, и пратеничката од Алијансата за иднината на Косово, Тиме Кадријај.

Следното, 49-то, продолжение на конститутивната седница е закажано за в сабота, 19 јули.