Косово почнува да собира факти за српските злосторства во последната војна


Косовското Собрание покрена иницијатива за формирање на меѓународен суд за злосторствата што Србија ги извршила во војната во Косово во 1998-99 година и за таа цел ќе се започне со собирање докази и сведоштва за тие злосторства.

Претседателот на Собранието Кадри Весели изјави дека еден таков трибунал е неопходен и дека косовските институции се должни да направат се за правдата да ги стаса сторителите на злосторствата.

Иницијативата на парламентарниот спикер на денешната собраниска седница посветена на тоа прашање ја поддржаа семејствата на жртвите од војната, кои изјавија дека, иако се доцни со формирањето суд за српските злосторства, очекуваат налогодавачите и извршителите на злосторствата да ја добијат заслужената казна.

Весели најави формирање на државна комисија која ќе работи на собирање факти и изготвување на работен план за формирањето на трибуналот.