Косово годинава очекува економски раст од 3,9 отсто
Централната банка на Косово (ЦБК) предвидува дека државата ќе ја затвори 2024 година со економски раст од 3,9 отсто, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението на ЦБК, прогнозите укажуваат дека се очекува побрз раст на економијата на земјата во текот на 2024 година, поддржан од растот на реалниот расположлив доход, благодарение на намалувањето на инфлацијата и зголемувањето на изворите на финансирање.
– Прогнозите на ЦБК за 2024 година сугерираат дека економијата на Косово ќе биде поддржана од зголемувањето на реалниот расположлив доход, благодарение на намалувањето на инфлацијата и зголемувањето на изворите на финансирање. ЦБК предвидува економски раст од 3,9 проценти за 2024 година, што се очекува да биде поддржан од зголемувањето на потрошувачката, инвестициите и извозот на стоки и услуги, наспроти негативното влијание на увозот на стоки и услуги врз бруто националниот произвид (БНП), се наведува во извештајот на ЦБК за кварталната оцена на економијата.
ЦБК информира дека, според прелиминарните процени на Агенцијата за статистики на Косово (АСК), косовската економијата во првиот квартал од 2024 година забележала раст од 5,6 отсто.
– Забрзувањето на економскиот раст во однос на истиот период лани главно е поврзано со динамиката на домашната побарувачка, додека нето-извозот негативно влијаеше на економската активност како резултат на зголемувањето на домашната побарувачка што беше придружено со зголемување на увозот, визната либерализација која влијаеше на зголемување на увозот на патни услуги, динамиката на цените на меѓународните пазари и ослабената побарувачка во еврозоната, се истакнува во извештајот.
Економскиот раст во првиот квартал 2024-та е главно поддржан од потрошувачката и од инвестициите, кои придонеле со 9,1 и 1,0 процентни поени, соодветно. Од друга страна, нето-извозот имал негативно влијание врз растот на реалниот БНП.
– Во првиот квартал од 2024 година потрошувачката е зголемена за 8,9 отсто, што е многу поголем пораст во споредба со истиот квартал минатата година. Инвестициите се зголемени за 3,1 отсто, главно како резултат на порастот на јавните инвестиции и кредитирањето. Што се однесува до надворешно-трговската размена, нето-извозот го продлабочи трговскиот дефицит за 12,7 отсто. Зголемувањето на трговскиот дефицит е последица на зголемувањето на увозот на стоки и услуги за 9,1 отсто (увозот на стоки е зголемен за 6,9 отсто, а увозот на услуги е зголемен за 30,8 отсто), како и на намалувањето на извозот на стоки за 1,9 отсто, додека извозот на услуги е зголемен за 14,0 отсто, се вели во извештајот.
Според ЦБК, инфлацијата продолжи да го следи забавувачкиот тренд во првиот квартал од тековната година, со просечна стапка од 2,1 отсто.