Косово го забранува користењето на некои најлонски кесиња, другите ќе се плаќаат


Министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово, Либурн Алиу соопшти денеска дека е финализирано Административното упатство, според кое се забранува користењето на некои видови пластични кесиња во продавниците, а другите ќе се плаќаат, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференција со шефот за соработка при Канцеларијата на Европската унија во Косово, Алесандро Бианкарди, Алиу информира дека забраната на најлонски кесиња до 25 микрони ќе настапи веднаш и тие ќе можат да се користат само за овошје и зеленчук. Кесињата од 25 до 50 микрони ќе можат да се користат, но тие не смеат да имаат лого и ќе се плаќаат по цена од пет центи.

– Со административното упатство… ќе имаме забрана за пластични кесиња до 25 микрони, односно тие тенки кесиња кои се користат денес и можат да се добијат бесплатно во маркетите ќе бидат целосно забранети. До 25 микрони ќе се дозволат само оние кои се користат за овошје и зеленчук и не смеат да имаат рачки. Кесињата од 25 до 50 микрони ќе бидат дозволени за употреба и ќе чинат пет центи, но не е дозволено да имаат отпечатено лого на производителот, информира Алиу.

Тој рече дека ќе има и забрана за производство, увоз и продажба на пазарот на кесиња кои не се биоразградливи.