Кошта во Црна Гора: Добрите односи со соседите членки на ЕУ се клучни во преговорите

Претседателот на Европскиот совет изјави дека Црна Гора може да стане членка на ЕУ до 2028


Антониот Кошта и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ

 

Вие постигнувате резултати не само во однос на реформите, туку и во усогласувањето на политиките, поддржувајќи траен мир во Украина. Вчера, Европскиот парламент со огромно мнозинство го призна напредокот што го постигнавте. Сега е клучно да се одржи пристапот, да се задржи фокусот на целта и да не се забавува напредокот, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој е во прва официјална посета на Црна Гора на покана на црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.

На прес-конференцијата по разговорот со Милатовиќ, Кошта истакна дека станувањето 28-ма членка на ЕУ во 2028 година е добар слоган, но дека би било значајно доколку тоа се случи порано, пренесуваат црногорските медиуми.

На прашањето на новинарите дали договорите со Обединетите Арапски Емирати се во согласност со европското законодавство, Кошта одговори дека европската комесарка за проширување Марта Кос испратила писмо во кое го наведува ставот на ЕУ, а условот е да се почитува европското законодавство кога станува збор за јавни набавки и заштита на природата.

„Многу е важно да одржувате добри односи со соседите, особено со оние земји кои веќе се членки на ЕУ“, рече Кошта.

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, изјави дека посетата на Кошта е силен поттик не само за Црна Гора, туку и за патот на целиот регион кон ЕУ. Тој истакна дека посетите на Кошта и Каја Калас се одржуваат пред важниот самит во Тирана.

„Овој состанок е продолжение на дијалогот што го водиме. Црна Гора е горда на својот статус на лидер во интеграцијата во ЕУ. Целта е да стане следната членка до 2028 година“, истакна Милатовиќ.

Претседателот рече дека тој и Кошта се согласиле оти Црна Гора може да биде светлината на крајот од тунелот и дека процесот на проширување е жив.

„Веруваме дека на следната меѓувладина конференција, а се надевам дека ќе биде во јуни, за време на полското претседателство, ќе затвориме што е можно повеќе поглавја. ЕУ е сè уште пример за мир, стабилност и просперитет и затоа сакаме да бидеме дел од тој клуб. Но, вредностите не можат да се земаат здраво за готово, затоа Црна Гора ја хармонизира својата политика со политиката на ЕУ пред да се приклучи“, истакна Милатовиќ.

Кошта рече дека со нетрпение очекува да продолжи заедничката работа утре на состанокот со другите лидери од Западен Балкан кога станува збор за проширувањето.

На прашањето на новинарите како формирањето на германската влада врз основа на идејата дека нема да има проширување ќе влијае на влезот на Црна Гора во тој сојуз, Кошта рече дека проширувањето кон Западен Балкан, Молдавија, Украина, а ако таа го сака тоа, и Грузија, е задача на ЕУ.

„Германија продолжува да биде клучен поддржувач на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Ова не влијае на вашата способност да се приклучите кон ЕУ“, додаде тој.