Кошта: Нема план „Б“ за Македонија, испорачајте го тоа што е договорено

Европскиот процес треба да се темели на вредности, а не на билатерални прашања, јас тоа нема да го прифатам никогаш, возврати Мицкоски


„Јас ќе се борам, колку што можам“, изјави Мицкоски по средбата со Кошта (Фото: Б. Грданоски)

 

„Тоа што е договорено во 2022 година е договорено и сега треба да се испорача, нема друго“, порача најјасно што може претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.

Мрачните лица на членовите на неговата делегација и доцнењето од 50 минути на прес-конференцијата уште веднаш покажаа дека зад сцена имало тешка конверзација, иако Кошта се заблагодари за „топлиот прием“ во Македонија. 

Практично, Кошта ги отфрли занесувањата тука дека може да има Б за спорот со Бугарија и одболкирањето на преговорите со ЕУ. Напротив, рече дека планот А не треба да се потценува и го охрабри премиерот Мицкоски да ги вложи своите напори за да го овозможи натамошниот напредок на земјата.

„Не треба да го потценуваме планот А и мора да се фокусираме на неговото исполнување. Знаеме какви се Копенхашките критериуми,  заклучоците на Европскиот совет и што е договорено, мора да го испорачаме тоа. Сфаќам кога премиерот вели дека веќе е променето знамето, името на државата, направени се уставни измени и дека треба да бидеме сигурни дека нема да дојде некој и да бара нешто ново од претходно договореното“, рече Кошта.

И самиот тој оцени дека овој процес се одвива премногу долго, но место да се одолговлекува и натаму, рече дека сега е време да се испорачаат резултати.  Според него, постигнато е многу досега и Македонија треба да се продолжи по истиот пат, нагласувајќи ја дури трипати важноста од коридорите 8 и 10.

Антонио Кошта и Христијан Мицкоски на прес-конференцијата (Фото: Б. Грданоски)

„Се работи за конректни резултати на Република Северна Македонија. Треба да се надмине овој процес за пристапување, а за тоа треба да се исполнат одредени реформи и да се исполни она што беше договорено во 2022 година. Знам дека е тешко и ѝ честитам на Република Северна Македонија за огромните напори кои ги презеде во минатото за да се придвижи напред, во однос на пристапувањето кон ЕУ. Мицкоски знае дека може да смета на мене и на ЕУ за да го олесниме процесот. Тоа е причината зошто ја посетив Бугарија пред две недели. Јасно е дека она што е договорено е договорено, сега треба да го испорачано она што е договорено“ порача Кошта.

Притоа, процесот за пристапување го опиша повеќе како маратон отколку како спринт.

„Македонија заврши многу работа и затоа треба да останете на тој правец. Пристапниот процес е повеќе маратон, а не брза трка, тоа е напорен процес што понекогаш може да фрустрира, како што се случило и со сите претходни кандидати. Но, сите тие ја постигнаа целта, секако и вие ќе ја постигнете целта, но со вашата решеност, напорна работа и соработка ќе успеете на крај со заобиколување на пречките“, советуваше Кошта.

Тој ја поздрави работата на Владата во поглед на реформската агенда и напредокот што веќе беше постигнат, нагласувајќи дека иднината на Македонија е во ЕУ.

„Го охрабрувам премиерот да ги вложи своите напори за да го овозможи натамошниот напредок. Може да сметате на нас, на ЕУ, затоа што ние ви стоиме на располагање подготвени да ја искористите оваа динамика. Клучно е да се продолжи со реформите и да се инвестира во владеењето на правото и борбата против корупцијата. Сакам да ја уважам и вашата усогласеност со нашата заедничка надворешна и безбедносна политика“, потенцираше Кошта.

Дали Македонија доцни: Кошта и Мицкоски (Фото: Б. Грданоски)

Од она што го кажа потоа премиерот Мицкоски испадна дека тој чека од Брисел да му го реши проблемот со Бугарија, односно дека нема намера да оди да преговара во Софија, иако ветуваше. Исто така, зацрта категорична црвена линија порачувајќи дека Македонија доста направила досега за евроинтеграцијата, дека сменила знаме, сменила име, сменила Устав и дека уште е на почетокот како пред тоа. 

„Пораката на Кошта ја слушаме долго време и ќе ја слушаме и натаму ако нема прогрес. Европскиот процес треба да се темели на вредности, а не на билатерални прашања.

Од другата страна имаме испорака нула. И би бил наивен да верувам дека ако нема испорака од другата страна, дека ние треба тоа да го направиме. Додека сум премиер тоа нема никогаш тоа да го направам. За жал, претходната влада прифати билатерално прашање да биде дел од нашата европска иднина. Јас ќе се борам, колку што можам, за да излеземе од овој процес во којшто сме сега. Јас не можам да излезам и немам совест да излезам пред македонските граѓани и да им кажам дека ќе биде променет Уставот, а има најмалку 14 пресуди за Македонците од другата страна на границата, кои Бугарија треба да ги примени. Не можам  да преземам ништо со Уставот ако таа земја го оспорува мојот мајчин јазик и мојот идентитет. Кога ќе има став од ЕУ за нашиот многувековен идентитет – тогаш јас сум тука да разговарам“, додаде Мицкоски.

Тој во свечениот дел сепак уверуваше дека нашата посветеност во процесот на ЕУ ќе се засили натаму и дека со реформи и  „достоинствено“ ќе го одблокираме европскиот пат.

Треба да се фокусираме на планот А, порача Антонио Кошта (Фото: Б. Грданоски)

„Нашата поветеност во процесот кон  ЕУ ќе се засили во периодот што следи, затоа што веруваме дека нашата иднина е во европското семејство. И, како што кажа претседателот на Советот, Кошта, патот до ЕУ е фрустрирачки, но граѓаните на оваа земја го одеа најтешкиот пат. Се надевам дека во периодот што следи ќе го одблокираме достоинствено европскиот процес и достоинствени ќе бидеме дел од европското семејство“, рече Мицкоски. 

Од сето ова впечатокот беше дека и во Белград посетата на Кошта беше попозитивна и дека Мицкоски не сака да мрдне со ништо да го придвижи процесот на Македонија и таа задача, за да глуми дека бара решение, ја препушти на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за која рече дека двапати била на билатерални средби во Софија, иако посетите не беа билатерални.