Кошаркарската федерација им должи 1.7 милиони денари на судиите

Откако стана јасно дека кошаркарските судии го активираа штрајкот и викендов не се играа кошаркарските првенства, следуваше соопштение од Кошаркарската федерација на Македонија во кое рекоа дека судиите прво го прифатиле предлогот да им биде исплатен половина од долгот, а потоа се предомислиле. Сега следуваше и соопштение на здружението на кошаркарски судии, во кое велат дека КФМ им должи 1.710.000 денари, а последната исплата била на први февруари, иако според правилниците треба да си ги земат заработените пари во рок од 48 часа од завршување на натпреварите.
Судиите во соопштението велат дека предлогот не бил прифатен, туку дека бил ставен на гласање, а дури 96% од нивните членови го одбиле. Даден е рок една недела да се исплатат сите долгови кон нив.
Клубовите и првиот човек на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), Перо Антиќ, ќе имаат состанок за да изнајдат решение за иднината на мак-баскетот .
„Согласно членот 27 од Статутот на КФМ, како клуб, член на Федерацијата и претседател на Здружението на клубовите од Втората лига мажи, а знаејќи ја ситуацијата во која сме вклучени не по наша вина, односно блокирани се сите првенства во организација на КФСМ, бараме итен состанок со сите вклучени страни во овој спор или раководството на КФМ, претседателите на сите здруженија и СК ма КФСМ, в понеделник, 14.04.2025 година во 12 часот, со единствена точка на дневен ред – изнаоѓање решение за продолжување на првенствата“, пишува во барањето потпишано од првиот човек на КК Ангели, Благоја Кечовски.