Кошаркари на Партизан нападнати пред ноќен клуб во Белград


Кошаркарскиот клуб Партизан синоќа потврди дека тројца негови играчи учествувале во инцидент пред ноќен клуб во Белград, наведувајќи дека кошаркарите биле физички нападнати.
„КК Партизан потврдува дека тројца играчи на црно-белите се нашле во центарот на инцидент што се случил недалеку од добро познат белградски ноќен клуб. Според информациите добиени од играчите, тие биле навредувани на расна основа од група момчиња, додека девојките кои биле со нив биле нарекувани со најпогрдни имиња само поради фактот што во нивното друштво има луѓе со темна боја на кожата“, соопшти клубот.
Според белградските медиуми, во инцидентот учествувале Карлик Џонс, Исак Бонга и Стерлинг Браун.
Во клупското соопштение се прецизира дека тројцата кошаркари биле нападнати откако го напуштиле ноќниот клуб, по што физички се пресметале со напаѓачите.
Инцидентот се случил ноќта помеѓу неделата и понеделник.