Кос се сретна со Мицкоски, премиерот побара достоинствена интеграција во ЕУ

Еврокомесарката за проширување Марта Кос имаше средба зад затворена врата со премиерот Христијан Мицкоски за чии детали тој испрати соопштение до медиумите.
„На средбата се разговараше за европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции. Ја истакнав цврстата определба на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во областите на владеењето на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација“, посочи Мицкоски по средбата.
Во соопштението на премиерот се наведува исто така дека „Кос ја поздрави реформската агенда на Владата и ја потврди поддршката на Европската комисија за напредокот на регионот на европскиот пат“.
Премиерот нагласи дека средбата претставува потврда за зголемената улога на државата во регионалните и европските процеси, како и признание за новата енергија со која Владата ги води реформите и создава предвидлива и стабилна иднина за сите граѓани.
Со слично соопштение излезе и шефот на македонската дипломатија кој наведе дека како Влада ги реафирмирале ставовите и позициите „за потребата од што поскора интеграција во европското семејство и за одбивање на непринципиелните и неевропските услови кои го отежнуваат тој пат“.
„Нашата држава активно ја спроведува реформската агенда, потписник е на Партнерството за безбедност и одбрана со Унијата, и е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што претставува уште една силна потврда за европските темели на кои се гради нашето работење во изминатата година“, додаде Муцунски.
Премиерот Мицкоски и еврокомесарката Кос, како што е најавено, утре (1 јули) ќе имаат воведни обраќања на панел-дискусија за Планот за раст на Западен Балкан, а се очекува да одржат и заедничка прес-конференција.