Кос: Она што демонстрантите го бараат од српската влада е истото што Европската комисија го бара од Србија


Белград – За време на дводневната посета на Србија, европската комесарка за проширување, Марта Кос, ќе се сретне со највисоките државни функционери, но и со претставници на опозицијата, граѓанското општество и академската заедница, а ќе го посети и Нови Сад за да им оддаде почит на жртвите од уривањето на настрешницата на Железничката станица, соопшти денеска Делегацијата на Европската унија во Белград.

Меѓу соговорниците на Марта Кос ќе бидат српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот Ѓуро Мацут, претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ, министерот за европски интеграции Немања Старовиќ, како и претставници на граѓанското општество, академската заедница и опозицијата.

Посетата на комесарката Кос, како што е наведено во соопштението, ја потврдува силната посветеност на ЕУ кон Србија и целиот регион на Западен Балкан.

Во интервју за Радио Слободна Европа, во Прага, Марта Кос изрази очекувања дека до крајот на нејзиниот мандат како комесар во Европската комисија, позиција што ја презеде пред седум месеци, Црна Гора и Албанија би можеле да станат членки на Европската Унија.

„Србија сега има нова влада и прво ќе се сретнам со новиот премиер, бидејќи Србија навистина мора да ги исполни своите ветувања. Зборовите не се доволни. Затоа ја гледам мојата мисија или посета таму како навистина значаен напор за враќање на Србија на европскиот пат. И нема да се сретнам само со претставници на Владата, не само со претседателот. Ќе се сретнам со претставници на граѓанските организации, со кои сум во постојан контакт. Ќе се сретнам со студентите.

Во врска со студентските протести таа вели:
„Значи, не е лесна ситуација, но всушност она што демонстрантите го бараат од српската влада е истото што Европската комисија го бара од Србија во процесот на преговори. Тоа се владеењето на правото, борбата против корупцијата, јавните набавки, медиумското законодавство, изборното законодавство. Србија вети многу во декември во таканаречениот неофицијален документ (нон-пејпер), па сега ќе треба да провериме дали го исполнуваат она што го ветија.

И всушност, сакам да кажам дека сум најголемиот поддржувач на демонстрантите, бидејќи ако Србија е сериозна во врска со патот кон ЕУ, а тие ми кажат дека е, ќе мора да ги исполни своите ветувања“.