Кос: Македонија и Бугарија ќе постигнат договор!


 

Знаеме дека Бугарија и Северна Македонија ќе постигнат договор за заштита на бугарското малцинство,  изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос, која е во посета на Бугарија.

Според неа, за прв пат во историјата на проширувањето, Европската унија се соочува со надворешни сили кои посакуваат нејзин неуспех.Проширувањето е приоритет и тоа е најважно, додаде Кос, привлекувајќи внимание на земјите од регионот на Западен Балкан.

„Деновиве ќе отвориме ново поглавје со Албанија. Ако продолжиме вака, би можеле да ги завршиме преговорите со Црна Гора во 2026 година, а со Албанија во 2027 година. Би сакале што поскоро да се отворат преговорите со Македонија. Знаеме дека Бугарија и Северна Македонија ќе постигнат договор за заштита на бугарското малцинство“, рече Кос.

Еврокомесарката изрази надеж дека и Србија ќе се врати на својот европски пат и додаде: „Во Босна има политичка криза, се надеваме дека ќе започнеме преговори и таму оваа година“.

„Сликата е сложена. Земјите од Западен Балкан имаат свои специфики. Бугарија го познава регионот и добро е да го поддржи процесот на нивна интеграција. Cvрсто верувам дека можеме да научиме добри лекции од минатото“, заклучи Кос.

„Бугарија секогаш со особено внимание и висок степен на одговорност пристапувала кон напорите за целосна и полноправна европска интеграција на земјите од Западен Балкан. Ние не само што го поддржавме, туку го поддржуваме и ќе го поддржуваме овој процес. Сметаме дека е дел од нашата стратешка визија за стабилен, просперитетен и обединет европски континент“, возврати премиерот Росен Жељасков по средбата со еврокомесарката.

„Историјата, културната и географската близина со земјите од регионот ни даваат самодоверба и единствена можност да бидеме не само посредници меѓу Западен Балкан и Европската унија, туку и движечка сила на овој процес, како и негов застапник“, посочи и Жељасков.

„Без интеграција на овој регион, европскиот проект едноставно не може да се заврши“, категоричен беше Жељасков.

Премиерот истакна дека европската иднина на Западен Балкан е гаранција за просперитет и мир, но и своевидна превенција од влијанието на силите кои имаат за цел неединство и нестабилност – како во регионот, така и во Европа во целина. Дополнително, интеграцијата на земјите од регионот на Западен Балкан е стратешки избор поврзан со безбедноста, стабилноста и конкурентноста на целиот континент.

„Бугарската позиција е јасна и конзистентна. Ние го поддржуваме европскиот пат на секоја земја од Западен Балкан, водени од принципите на индивидуалниот пристап и постигнатиот напредок“, истакна Жељасков.

Премиерот изрази уверување дека посветеноста на реформите мора да биде билатерална – од страна на кандидатите, но и од страна на Европската унија. „Потребни се предвидливост, искреност, јасност и дијалог“, додаде Жељасков.

Според неговите зборови, денес, кога Европа се соочува со нови предизвици, воени конфликти, хибридни закани, миграциски притисок и енергетска несигурност, интеграцијата на Западен Балкан е од особено значење за Бугарија и бугарската влада.

„Приклучувањето на вашите соседи во Европската унија ќе донесе многу придобивки за бизнисите во Бугарија. Тоа ќе ја поттикне трговијата, ќе ги подобри можностите за инвестирање и ќе го подобри пристапот до Централна Европа“, му порача Кос на бугарскиот премиер. 

Кос во Софија се сретна и со бугарскиот претседател Румен Радев. Македонија на форумот го прати заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски, бидејќи министерот веќе цела недела договара силни бизниси во ОАЕ.