Кос ја стави Македонија во групата земји што стагнираат кон ЕУ
Македонија сега е во групата во која се Србија и Босна и Херцеговина. Во групата пред нас се Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина
Еврокомесарката за проширување Марта Кос го престави прогресот на земјите кандидати за членство во Европскиот парламент, при што Македонија ја стави во втората група на земји – кои не прават доволно за да одат напред. Конкретно за Македонија таа само повтори дека не презела одлучувачки чекори за да ги спроведе уставните измени и да ги продолжи преговорите за членство, истакнувајќи паралелно дека работи технички на Реформската агенда и дека е стопроцентно усогласена со надворешната политика на Унијата.
„Северна Македонија продолжи со работата на патоказите за владеење на правото, реформа на јавната администрација и функционирање на демократските институции, како и на акцискиот план за заштита на малцинствата. Потребни се понатамошни брзи и решителни дејствија во однос на почетните одредници, во согласност со преговарачката рамка, со цел отворање на првиот кластер што е можно поскоро и кога ќе бидат исполнети релевантните услови. Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, преку заштита на судската независност и интегритет и зајакнување на борбата против корупцијата. Земјата, исто така, треба да ги усвои потребните уставни измени со цел вклучување во Уставот на граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите, како што е наведено во Заклучоците на Советот од јули 2022 година, кои земјата се обврза да ги започне и постигне“, стои во извештајот што го цитираше Кос.
Групирајќи ги земјите, во тие што направиле значаен прогрес ги наброја Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, при што за Албанија оцени дека напредувала без преседан за краток рок, додека Молдавија направила најголем прогрес за една година – и покрај постојаниот притисок од хибридните закани, најавувајќи дека ќе бара отворање на кластерите во ноември.
Во втората група со Македонија таа ги спомна Србија и БиХ при што соопшти дека речиси сите земји кандидати се усогласени сто отсто со надворешната политика на ЕУ, Украина 99 отсто, а Србија само 62 отсто. Практично оценката за Србија беше дека има значајно назадување иако декларативно тврди и натаму дека ЕУ и е стратегиска цел.
Во последната група таа ги спомена Турција, за која рече дека има постојана ерозија на демократските стандарди и Грузија, за која за првпат е употребен нов термин и воспоставен нов статус – „земја кандидат само по име“, поради сериозното демократско назадување, како што рече Кос, невидено досега кај земја кандидат за членство во ЕУ.
Она што е интересно е дека Кос најави дека наскоро Европската комисија ќе објави нов извештај за стратегијата за проширување најавувајќи реформи во самата ЕУ што ќе го направат проширувањето реално. Таа исто така најави дека ЕУ ќе воведе дополнителни гаранции во договорите за пристапување со земјите членки кои ќе гарантираат дека тие што ќе влезат во Унијата нема да назадуваат потоа и да не ги исполнуваат обврските што ги презеле во процесот за проширување, односно да нема простор за „нови Орбани“. Таа најави исто така дека следната година ќе објави три стратегии во кои ќе бидат вклучени и земјите кандидати – за демократија, за поголемо вклучување на граѓанското општество и за отпорност на медиумите на дезинформации.
„Ние Европејците треба да направиме многу повеќе за да ја преземеме контролата врз нашиот континент, да ги браниме нашите демократски вредности и да ја заштитиме нашата сопствена безбедност“, порача еврокомесарката Кос генерално за процесот.
Ова, според неа, може да се направи успешно само со заедничка работа со соседите на ЕУ за да создадат силна, стабилна, безбедна и обединета Европа заснована на заеднички вредности и принципи.
„Само ако го завршиме обединувањето на Европа, можеме да обезбедиме мир, слобода и просперитет на нашиот континент. Само заедно со сите оние кои ги делат нашите вредности можеме да обезбедиме Европа да има независен глас во светот“, истакна Кос.
Сепак, според Кос, севкупно, 2025 година била „добра година“ за работата на ЕУ со земјите кандидати, при што е забрзана нивната постепена интеграција во ЕУ, вклучително и преку Инструментот за Украина и Плановите за раст за Западниот Балкан и за Молдавија.
„ Овие нови инструменти ја препознаваат геополитичката реалност дека треба пошироко да размислиме за работата со земјите аспирантки и да одобриме учество во различни политики и програми пред членството во ЕУ“, порача Кос, додавајќи дека напредува работата и во усогласување со техничките стандарди и сертификати на ЕУ, што ќе го прошири единствениот пазар и ќе ги зајакне паневропските вредносни синџири.Кос потсети дека некои од кандидатите, меѓу кои е и земјава, се приклучија на Единствената европска платежна зона, а напредок се бележи и во роамингот.
Според неа, следната година ќе претставува момент на вистината за сите земји кандидатки, но особено за оние кои презентираа амбициозни планови за завршување на преговорите, бидејќи „високите амбиции доаѓаат со високи очекувања за реформи“.
Таа нагласи дека идните проширувања можат да бидат успешни само ако се обезбеди највисок квалитет на реформите и се воспостават заштитни мерки што, вели, „ ги уверуваат нашите граѓани дека интегритетот на нашата Унија и демократските вредности се обезбедени“.
„Треба да обезбедиме позитивната динамика за владеењето на правото, демократијата и основните права да се одржи и по пристапувањето. Комисијата смета дека идните договори за пристапување ќе треба да содржат посилни заштитни мерки, а воедно да се задржи фундаменталниот принцип на еднаквост. Ова е за да се избегне какво било назадување од обврските преземени за време на преговорите за пристапување“, потенцираше Кос. (С.Ј.)