Корупциската криза го стави Борисов на тенок мраз

Премиерот Бојко Борисов е непоколеблив. Тој не сака да отстапи тврдејќи дека тој најдобро ја води Бугарија во ЕУ (Фото: АФП)

Една недела Бугарија е влезена во вител на протести. Граѓаните го губат трпението од мрежата на олигарсите, во која се фатени партијата на премиерот Борисов, државните институции, а особено судството

 

Повеќе од една деценија, германската канцеларка Ангела Меркел и другите лидери на централната десница на ЕУ никогаш не сакаа да размислуваат премногу за тоа како нивниот верен бугарски сојузник Бојко Борисов ја води својата земја.

Тие сега конечно ќе треба да го подигнат капакот на неговото премиерствување. Грамадниот поранешен пожарникар и карате шампион се бори за неговиот политички опстанок во крупциската криза, која се разголи откако се виде дека недоприрливите олигарси ги обвиткале своите пипци околу клучните институции како судството.

Од четвртокот навечер во Бугарија трае најголемиот бран на антивладини протести за седум години, а илјадници демонстранти повикаа на оставка на Борисов и главниот обвинител на земјата.

Во Софија во петокот вечерта и на брегот на Црното Море во саботата, демонстрантите се судрија со полицијата – а снимките од полициската бруталност го катализираат движењето против олигархијата. Таткото на хоспитализиран студент по право привлече особено внимание во медиумите со тврдењата дека полицајците го тепале неговиот син со удари во главата и градите кога тој веќе бил во несвест.

Бугарскиот социјалистички претседател, Румен Радев, ја откри својата можност да го скрши стисокот на Борисов врз државата пред изборите следната година и ја повикува ЕУ конечно да размисли за затруениот правен систем на земјата.

„Сега кога Бугарите излегоа на плоштадите, Европа нема право да ја гледа Бугарија со затворени очи. На Европа ѝ треба демократска Бугарија, Бугарија со владеење на правото“, рече тој во обраќањето.

Борисов инсистира на тоа дека нема да попушти. Во саботата навечер, тој објави едвај звучно видео на Фејсбук од себеси како стои пред иконата на Богородица, во кое ја брани полицијата и се стилизираше како единствен лидер што може да ја задржи Бугарија на про-ЕУ траекторијата. Неговата цел беа сојузниците на Социјалистичката партија на Радев, чии корупциски скандали и врските со организираниот криминал го ограничија пристапот на Бугарија до фондовите на ЕУ во 2008 година.

„Бугарската социјалистичка партија ќе ја урне државата“, тврди тој. Борисов се пофали дека неговата партија ГЕРБ „изградила двојно повеќе автопати од Тодор Живков“. (Тврдењето не е толку импресивно како што звучи, бидејќи се знае дека Бугарија на Живков не градеше автопати.)

Додека Борисов сака да ја обнови дебатата за неуспесите на социјалистичките политичари – лесни цели кои се наследници на поранешната комунистичка партија поврзана со Москва – тоа ќе биде малку за да го ублажи сѐ поширокиот гнев поради последователните скандали. Во обид да го промени виновникот, Борисов го обвинува Радев дека извршува лична одмазда против него, па дури и дека го гонел со дрон.

Протести има не само во Софија, туку и во градовите на Црното Море

 

Непосреден фокус на тековните протести се две моќни личности: Ахмед Доган, поранешен шеф на етничката турска партија во земјата, и неговиот сојузник Делјан Пеевски, медиумски барон. Кризата достигна врв во последниве денови поради дебатата околу тоа зошто двајцата имаат право на заштита од државна безбедност и дека се заштитени од Борисов и државните обвинители.

Предизвикувачкиот момент дојде на 7 јули кога Христо Иванов, поранешен министер за правда и водач на антикорупциската партија Да Бугарија, изведе успешно видео истоварување со гумен чамец на плажа во Црното Море. Додека плажата е теоретски јавно земјиште, Иванов беше избркан од чуварите, бидејќи тој дел од крајбрежјето е база на Доган.

Иванов, кој тврди дека Доган и Пеевски го киднапирале правосудниот систем, своето видео го претвори во редок тест за отчетност на таинствениот безбедносен апарат на државата со испрашување на идентитетот на „анонимните господа“ на плажата.

Претседателот Радев изненадувачки интервенираше на 8 јули, за да открие дека чуварите биле агенти на НСО, служба за национална безбедност и тврди дека Доган и Пеевски немаат право на таква заштита. Скандалот ескалираше на 9 јули, кога државните обвинители извршија рација во канцеларијата на претседателот и уапсија двајца негови помошници, во потег што демонстрантите го сметаат како одмазда за тврдењето дека Доган и Пеевски немаат право на чувари од НСО.

Во текот на овој скандал што ескалираше, Борисов молчеше, пред конечно да се појави со безизлезен монолог во петокот наутро во кој го заобиколи статусот на Доган, и посочи дека на Пеевски му требале чувари од НСО заради снајперски заговор за да го убијат неколку години порано. Борисов ја отфрли забелешката дека мажите кои го исфрлиле Иванов од плажата, би можеле да бидат агенти на НСО и повика на избегнување на евентуални етнички тензии со турската партија.

Работите поминаа од лошо кон полошо подоцна во истиот ден кога највисокиот генерал на НСО, кој подоцна беше принуден да си даде оставка, исто така се чинеше дека му правел услуга на Доган да користи море и воздушен кордон околу неговиот штаб на плажата.

Веќе во саботата Борисов ја смени играта по судирите во Софија и на брегот на Црното Море, велејќи дека треба да се преземат чекори за отстранување на заштитата на НСО за Доган и Пеевски. Тие претходно му пишаа на премиерот и рекоа дека повеќе нема да ги користат чуварите.

Само по себе, неодлучното постапување на Борисов со агентите на НСО би било воспалително, но тоа доаѓа во време кога е напаѓан во уште повеќе збунувачки – и, сè уште нецелосно објаснети – конфронтации.

Баронот на казината и лотаријата Васил Божков наречен „Черепот“, кој избега во Дубаи, го обвинува Борисов дека го измамил за милиони евра – нешто што бугарската влада го негира.

Минатиот месец, Борисов исто така беше принуден да даде итна прес-конференција во врска со серија фотографии објавени на Интернет, како спие во кревет со пиштол на фиоката до него, а таа е преполна со банкноти од 500 евра. Додека тој призна дека основната слика за него во кревет се чинеше оригинална (што изгледа дека ќе поставува големи прашања во врска со неговиот безбедносен персонал), тој ги обвинува неговите политички непријатели за фалсификување на фотографиите на кои се гледа фиоката полна со евра како плен. Играјќи на својот углед во ЕУ, Борисов ги отфрли наводните срамни фотографии како дел од заговор за спречување на патот на Бугарија кон еврозоната, што ќе биде придружено со построг финансиски надзор на банкарскиот систем.

Еден фактор што може да се појави во протестите е дека тие доаѓаат во услови на растечка фрустрација од практиките на партијата ГЕРБ.

Бугарите се жалат дека работните места во јавната администрација – било да се тоа чистачи или службеници на средно ниво – сè повеќе бараат врски со мрежата на ГЕРБ. Компаниите, исто така, се жалат дека од нив се бара да плаќаат „услуги“ – како што беше изложено во скандалот „колбасгејт“ од 2017 година, во кој нацијата експлодираше во бунт поради службеник на ГЕРБ, обвинет за изнудување мито во форма на тони колбаси.

За Борисов, најголемата закана дека трпеливоста кон неговата партија слабее сега е вистинска.

Цветан Цветанов, поранешниот човек број 2 на ГЕРБ, кој се раздели и сака да формира своја политичка група, откако беше фатен во скандал за домување, предупреди дека половина од базата избирачи на партијата може да се олупи во тековната пресметка.

Самиот ГЕРБ го обвинува Радев дека се однесува неодговорно и повикува на смиреност на улиците.

„Нема да дозволиме граѓанска војна, дури и ако имаме шанса да победиме во неа“, рече вицепремиерот, Томислав Дончев.

„ЕУ, дали си слепа?“ и „Сакам да живеам во Бугарија“ беа само некои од транспарентите на протестот во неделата во Софија.

„Борисов веќе нема врска со реалноста. Време е тој да се одмори. Потребни се предвремени избори“, рече Христо Иванов, за националната телевизија во понеделникот. „Ние сме подготвени. Граѓаните се подготвени“, рече тој.

Писателот Захари Карабашлиев на Фејсбук во саботата го обвини Доган за сурово манипулирање со етничките тензии.

„Ова е најнечистата и најопасната игра што некогаш ја играа Ахмед Доган и владата – тие градат етнички жив штит против мирен протест“, коментира тој. „Во оваа игра, секој етникум е на губитничка страна“.

Големите медиуми ја покриваат кризата со претпазливост. Бугарската национална телевизија, чиј генерален директор, Емил Кошлуков е поранешен политичар и поранешен директор на националистичката телевизија Алфа, тврди дека демонстрациите биле исклучиво за поддршка на претседателот Радев, наместо да ја таргетираат целата политичка елита. (Политико)