Корпоративниот дизајн е предизвик за мене, добро е кога постојат брендови кои го препознаваат тој момент, вели Тања Кокев

Време е на „Кокев“ да му извадиме пасош и да го прошетаме во еден од најубавите градови во Европа


За нејзините ревии се бара покана повеќе, а со својата енергичност и визија таа е дизајнерка  со претприемачки дух и со неверојатни контакти, лојални пријатели и славни и анонимни фанови која секоја сезона доаѓаат на нејзините ревии дотерани и во прв ред и одаваат почит со своето присуство, во облакот на луксузот и парфемите. Тања Кокев беше меѓу македонските креатори што лансираше парфем со дизајнерски потпис, со актерката Јелена Јованова како заштитно лице. Промовираше ремени и чевли, со потпис на брендот, како и чанти и џемпери, луксузна секојдневна облека и машка облека. Со свои креации, присутна е и на црвениот килим ширум Европа.

Сега е актуелна е со корпоративниот дизајн – ги дизајнираше новите модерни и удобни униформи на вработените во филијалите и експозитурите на Комерцијална банка АД Скопје. Новите униформи се целосно македонски производ, шиени во конфекцијата „Кули“ од Прилеп.

За ова искуство, и зошто е време на „Кокев“ да му извадиме пасош и да го прошетаме во еден од најубавите градови во Европа, во разговорот за „Независен“ во продолжение.

 

Како до дојде до соработката со Комерцијална банка за модерна службана облека потпишана од Кокев?

Искрено, бев многу пријатно изненадена кога ме повикаа на состанок со идеја Кокев да ги дизајнира и изреализира нивните униформи. Бев воодушевена од идејата и знаев дека тоа ќе биде една многу убава соработка. 

Приказната со работната облека на службениците во Комерцијална банка настана како дел од стратегијата за модернизација и препознавање на банката од страна на клиентите. Одлуката за воведување на новата работна облека беше направена со цел да се креира препознатлив и модерен изглед на вработените, што ќе го одразуваат и во својата работа со клиентите.

Дали имавте слобода во креативноста или требавте да почитувате извесни дрес-код правила на Банката?

Како моден дизајнер, создавањето на работна облека која е модерна, практична и пријатна може да биде предизвик. Во случајот на Комерцијална банка, која има јасна цел и визија, ова беше многу полезно за креирањето на работната облека. 

Бевме добар тим, зашто ми ја дадоа целата слобода во креирање, единствено морав да ги имплементирам нивните корпоративни бои, што е неопходно во креирање работна облека за толку јак и препознатлив бренд како Комерцијална банка. 

Бидејќи Комерцијална банка е банка со силна ориентираност кон клиентот, бенефитите и неговото задоволство, токму тој момент ни беше од голема помош при креирањето на работната облека. Бидејќи токму шалтерските работници се првата слика на банката и тие го имаат првиот контакт со клиентот. 

 

Што ви беше приоритет, дизајнот или удобноста?

Сакав да ги задоволам потребите и очекувањата на вработените да имаат  удобна, практична и пријатна облека за носење. Но, не сакав ни да го изгубам фокусот од тоа облеката да ги одразува вредностите и идентитетот на Банката и нејзината определба да ги следи најновите трендови во нејзината дејност. Верувам дека успеав да постигнам синергија, а резултатот е нова и модерна приказна која ќе ја раскажуваат службениците на Комерцијална банка во своето професионално секојдневие.

Дали оваа соработка е прва на Кокев од корпоративен аспект?

Не е прва, сум работела за Божиновски и Хилтон. Многу е добро кога постојат брендови кои го препознаваат токму тој момент, дека е потребно да се ангажира дизајнер кој ќе помогне во визуелната естетика во градење или поголемо потенцирање на брендот. 

Како дизајнер и бренд сакате да истражувате на разни полиња и предизвик ви се ангажмани кои ве профилираат како лидери на македонскиот пазар. Што ве тера напред и кои се вашите граници?

Немам граници и немам ограничувања. Заљубена сум во мојата работа од првиот ден и таа љубов трае и ќе трае. Благословена сум што ја работам работата која ја сакам. Имам прекрасен тим, верен, лојален и заедно можеме многу. Без разлика што сум имала многу предизвици, и лоши и добри, не било секогаш мед и млеко, сепак желбата за КОКЕВ да биде тоа што е, никогаш не била поголема. Не чекаат идната година многу сериозни понуди за Кокев и некои веќе ги прифативме и време е да му извадиме пасош и да го прошетаме во еден од најубавите градови во Европа.