Коронавирус: Дали Турција ќе стане нова Италија?


Листата од Книгата на умрени на градот Истанбул неколку часа се вртеше по социјалните медиуми пред да биде блокиран пристапот до неа. Можеше да се видат смртните случаи од претходниот ден, вклучително имињата, датумот на раѓање и причината за смртта на вкупно 255 лица. 20 пати како причина за смртта беше наведено Ковид-19. Турскиот министер за здравство се најде под притисок. За истиот тој ден, 28 март, тој наведе дека имало само 16 смртни случаи – во цела Турција. Првото објаснување на министерот беше дека изгледа починале уште четири лица откако вечерта ги објавил бројките. По еден и пол ден од истанбулските гробишта стаса објаснување дека е нивна грешка. Министерот бил во право. Сепак, останува недовербата, како на пример кај заменикот претседател на турската Лекарска комора, Али Черкезоглу:

„Мора да им веруваме на бројките. Но, не мора да ги прифатиме и може да ги ставаме под прашање. Оти ако властите во земјата не спроведуваат доволно тестови, мора да се дискутира за тоа дали претставените се и фактичките бројки во земјата.”

Бројот на заразени 50 пати поголем?

Черкезоглу адресира една болна точка. Релативно нискиот број инфицирани може делумно да се должи и на малиот број тестови. Од појавата на епидемијата во Турција до минатиот викенд беа тестирани помалку од 50 илјади лица, колку што во Германија се тестираат за еден ден. Некои експерти проценуваат дека темната цифра во Турција е 50 пати поголема. Но, дури и за официјалните помали бројки владата не била доволно подготвена, вели Омер Фарук Гергериоглу, лекар и пратеник во турскиот парламент од редовите на опозициската ХДП.

„Министерствата се однесуваа како вирусот да нема да ја зафати и Турција. Но, Турција е земја која има интензивен трговски и патнички сообраќај на релација со Кина. И кога вирусот стаса во Иран, јасно беше дека ќе дојде и во Турција.”

Сега се затворени училишта, универзитети и повеќето продавници. Со пораката „евде кал” – остани дома – од луѓето се бара да не ги напуштаат домовите. Сите летови во странство се откажани. Патувања во внатрешноста се можни само со посебна дозвола. Властите ставија околу 40 општини во карантин. Но, тоа е и единственото нешто што укажува на тоа кои региони се посебно погодени. За Али Черкезоглу од Лекарската комора тоа не е доволно:

„Сакаме јавноста да биде транспарентно информирана. Не само со бројки секоја вечер за тоа колку лица биле хоспитализирани, колку умреле. Мора да се кажат повеќе детали, при што имињата секако мора да се држат во тајност. Турција има проблем со транспарентноста со короната исто како и со секоја друга тема.”

Опасност од корона во преполните затвори

Контрадикторности во врска со короната има и во затворите: пратеникот Гергериоглу предупредува дека таму има посебна опасност од заразување. Министерот за правда, Абдулхамит Ѓул смирува:

„Ако има здравствени проблеми затворениците веднаш се пренесуваат во болниците. Во затворите ги враќаме дури откако ќе оздрават. Потоа 14 дена се изолирани пред да бидат вратени во затворската ќелија.”

Владата сепак планира промена на Законот за извршување казни. Со тоа треба да бидат ослободени 300 илјади затвореници. Женски здруженија стравуваат дека од тоа може да профитираат и сексуални престапници. Владата смирува и ги потsетува дека нацрт законот е се’ уште во фаза на усогласување, но и дека убијци, сексуални престапници и осудени за тероризам ќе останеле во затвор.

Адвокатот и новинар Гекчер Тахинчоглу стравува дека владата ја користи корона кризата за да ги ослободи оние кои и’ се блиски, а несакани критичари како наводни терористи и натаму да да ги држи во затвор изложени на опасноста од корона.

„Терор, тоа звучи заканувачки. Тука зборуваме за мнозинство луѓе кои ниту биле вклучени во вооружени акции ниту пак имаат директни врски со терористичките организации. Поради членови во Законот за антитероизам поврзани со пропаганда, многу луѓе се во затвор само поради нивниот искажан став – како што се писатели, новинари и политичари.“

Меѓу нив има и лекари и медицински персонал – луѓе кои во следните недели ќе бидат екстремно потребни во Турција, многу повеќе од кога и да било досега. (Дојче Веле)