Короната и маските повторно се актуелни во Германија


Потврдениот број на инфекции со коронавирус повторно се зголемува во Германија дури и пред есента и зимата кога се очекуваше нов бран.

Министерот за финансии Кристијан Линднер и министерот за одбрана Борис Писториус ги откажаа своите состаноци оваа недела бидејќи биле позитивни на тестот за ковид, пишува ДПА.

Вршителот на должноста претседател на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ), Ларс Шааде, во понеделникот рече дека забележале зголемување на респираторните инфекции, вклучително и Ковид-19, веќе неколку недели.

За прв пат од пандемијата на коронавирус, за почетокот на есента не се предвидени правила за заштита како изолација, држење на растојание или задолжително носење маски.

Министерот за здравство Карл Лаутербах исто така рече дека наесен може повторно да се очекуваат голем број случаи на зараза со Ковид, но и дека има широк имунитет кај населението.

Сепак, Лаутербах повика на препорачана дополнителна вакцинација.

„Ковид-инфекцијата не е настинка, не е мала работа“, рече тој.

Лицата постари од 60 години и со утврдени болести треба да го намалат ризикот по нивното здравје и да ја „освежат“ заштитата со вакцинација.

Министерот за здравство и Институтот „Роберт Кох“ препорачаа доброволно носење маски во одредени ситуации.

Весникот Frankfurter Rundschau пишува дека бранот на зарази е невообичаено висок за овој период од годината кога температурите на воздухот се на летни нивоа.

Низ Германија, бројот на случаи на Ковид-19 на 100.000 жители е девет, а во Хесен десет.

Раководството на Универзитетската болница во Франкфурт даде „итна препорака“ за вработените повторно да носат заштита за устата и носот, вели Јирген Граф, медицински директор и претседател на одборот. Не само поради корона, туку воопшто како „превентивни мерки против сезонските инфекции и боледувањето како резултат на тоа“.

Маската се врати и на уличната сцена. Во локалниот јавен превоз или во супермаркет повторно може да се видат луѓе со заштитни маски.